Над 10.000 слободни работни места во Македонија: Најмногу се бараат продавачи и угостителски работници, највисоки плати во ИТ секторот

Македонија има повеќе од 10.000 слободни работни места, но најголемата побарувачка е во услугите, продажбата и угостителството. ИТ секторот останува убедливо најплатена индустрија со просечна плата над 115.000 денари.

И покрај тоа што на македонскиот пазар на труд има повеќе од 10.000 слободни работни места, најголемата побарувачка е концентрирана во секторите со пониски и средни примања. Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека работодавачите најмногу бараат кадар во услужните дејности, продажбата и угостителството.

Во првото тримесечје од 2026 година биле регистрирани 10.247 слободни работни места, што претставува стапка од 2,07 проценти. Во исто време, во земјата има над 484 илјади пополнети работни позиции, што укажува на релативно стабилен пазар на труд.

Најголем недостиг од работници има во секторот сместување и послужување храна, каде стапката на слободни работни места достигнува речиси пет проценти. Висока побарувачка има и во административните и помошните услужни дејности. Според занимањата, најмногу се бараат работници во услужни дејности и продажба, каде се евидентирани над 2.300 слободни позиции. Следуваат преработувачката индустрија и трговијата на големо и мало, со повеќе од 2.000 слободни работни места.

Од друга страна, најдобро платените сектори не бележат толку голем недостиг на кадар. Иако во телекомуникациите и компјутерското програмирање има над 400 слободни позиции, најголемиот дел од високоплатените работни места се веќе пополнети.

ИТ индустријата и понатаму останува лидер според висината на примањата. Просечната нето-плата во секторот во март достигнала 115.557 денари, што е повеќе од двојно над државниот просек. Во меѓувреме, просечната нето-плата во Македонија во март изнесувала 48.433 денари. Високи примања се бележат и во телекомуникациите, транспортот, воздухопловниот сообраќај и фармацевтската индустрија, каде платите најчесто се движат меѓу 67.000 и 76.000 денари.

Статистиката покажува дека во државата има 707.385 вработени и 90.499 невработени лица, додека неформалната вработеност бележи раст од 4,3 проценти во споредба со претходниот квартал. Најголем дел од неформално вработените работат во земјоделството и градежништвото. Експертите оценуваат дека бројот на слободни работни места покажува континуирана потреба од работна сила, но и дека недостигот најмногу се чувствува во секторите каде платите се пониски, а условите за работа потешки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс