„На ти го, дај ми го“: „Еко-свест“ организира нова Еко трампа во Скопје – заменете предмети наместо да ги фрлате

„Еко-свест“ на 13 јуни организира четврта „Еко трампа“ во Бистро Комедија во Скопје. Донесете до три зачувани предмети и заменете ги за нешто што ви е потребно.

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ на 13 јуни во Бистро Комедија од 11 до 13 часот, ја организира четвртата по ред „Еко трампа“, настан кој промовира одржлив начин на живеење, повторна употреба на предметите и намалување на отпадот. По успешните претходни изданија, новата „Еко трампа“ ќе се одржи во сабота, 13 јуни, во Бистро Комедија во Скопје, под препознатливиот слоган „На ти го, дај ми го“.

Настанот има за цел да ја поттикне јавноста да размислува за алтернативи на прекумерното купување и фрлање предмети, нудејќи едноставно решение преку размена на работи кои сè уште можат да се користат. Секој посетител може да донесе до три добро зачувани предмети облека, книги, модни додатоци, детски играчки или мали функционални апарати и да ги замени за нешто што му е потребно од понудата на другите учесници.

Организаторите нагласуваат дека предметите треба да бидат чисти, уредни и целосно функционални за да се обезбеди квалитетна размена. Како дополнителен поттик за учество, сите што ќе се вклучат во трампата ќе добијат бесплатно кафе. Со оваа иницијатива, „Еко-свест“ продолжува да ја гради свеста за кружната економија и одговорното користење на ресурсите, покажувајќи дека малите секојдневни навики можат да придонесат за поголема грижа за животната средина.

Граѓаните се поканети да донесат предмети кои повеќе не ги користат и да им дадат нов живот преку размена наместо отпад.

е-Трн да боцка во твојот инбокс