Денеска во Скопје се одржа Самитот за родова еднаквост во спортот, на кој беа презентирани резултатите од проектот „Фер игра: Поддршка за родова еднаквост во спортските политики“. Настанот е во организација на Македонскиот олимписки комитет (МОК), во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), здружението „Sport Social Solutions“ и Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, а е реализиран со финансиска поддршка од Европската Унија.
Како што беше истакнато на самитот, во рамките на овој проект, 15 национални спортски федерации добија суб-грантови во висина од по 6.700 евра. Овие средства се наменети за развој и спроведување на сопствени акциски планови за родова еднаквост, како и за имплементација на конкретни мерки со кои спортските организации треба да станат поправедни, побезбедни и поинклузивни.
За време на настанот беа презентирани резултатите од досегашните активности на грантистите, при што беа споделени успешни практики, научени лекции и конкретни примери за улогата на спортските федерации како двигатели на позитивни општествени промени.
Во рамки на самитот се одржа и панел-дискусија на која претставници на спортските федерации и на Параолимпискиот комитет дебатираа за предизвиците, можностите и за идните чекори потребни за поголема застапеност на жените, како на спортските терени, така и во процесите на донесување одлуки.
Организаторите изразија задоволство од покажаното лидерство и посветеност на вклучените федерации, посочувајќи ги како пример за позитивни промени во македонскиот спорт и инспирација за идните генерации. Од самитот беше испратена порака дека еднаквите можности во спортот се заедничка одговорност и дека продолжува работата кон градење спортски систем кој е безбеден, инклузивен и достапен за сите.