Од утре пациентите со трансплантирани органи повеќе нема да плаќаат доплата за терапијата „Myfortic“, која се користи долгорочно по трансплантација.
Фондот за здравствено осигурување соопшти дека лекот „Myfortic“ со активната супстанција микофенолна киселина, во јачини од 180 и 360 милиграми, од 26 август ќе се издава без доплата во договорните аптеки на Фондот.
Со ова се става во сила решението што Фондот го најави претходно, откако алтернативните лекови без доплата во одреден период не биле достапни на домашниот пазар поради производно технички причини.
Досега доплатата изнесуваше 615 денари за пакување „Myfortic“ од 180 милиграми и 1.439 денари за јачината од 360 милиграми. Со новата одлука, овој трошок повеќе нема да паѓа на товар на осигурениците.
Од Фондот информираат дека за спроведување на мерката се завршени потребните административни постапки, Управниот одбор дал согласност, направени се измените во Шифрарникот на лекови, а договорните аптеки се известени.
Во исто време, Фондот наведува дека претходно е постигнато и намалување на цените на лекот. Цената на „Myfortic“ од 180 милиграми е намалена за 291 денар, додека за јачината од 360 милиграми намалувањето изнесува 2.012 денари.
Според пресметките на Фондот, благодарение на намалените цени, проектираната заштеда за здравствениот буџет само за втората половина од 2026 година изнесува околу еден милион денари.
Од ФЗО посочуваат дека целта е истовремено да се обезбеди континуирана терапија за пациентите со трансплантирани органи и да се намалат трошоците за здравствениот систем.