МВР отвори предмет за наводните злоупотреби во Институтот за јавно здравје

МВР формира предмет по пријавите за неправилности во Институтот за јавно здравје. Се истражуваат наводи за вработени кои земале плата без да одат на работа и други финансиски злоупотреби.

Министерството за внатрешни работи формирало предмет и започнало проверки по пријавените неправилности во работењето на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откако раководството на институцијата доставило документација со сомнежи за сериозни злоупотреби.

Од МВР потврдија дека Институтот пријавил низа неправилности, по што надлежните организациски единици започнале постапка согласно законските надлежности. Случајот беше актуелизиран откако директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, објави дека дел од вработените со години не доаѓале на работа, а редовно примале плата. Според неа, имало случаи во кои вработени плаќале по околу 200 евра на колеги за да им ги евидентираат картичките за присуство.

Андоновска посочи и други неправилности, меѓу кои ангажирање на лица на работни позиции за кои немале соодветни квалификации, како и исплата на високи додатоци на плата кои, според нејзините тврдења, не биле во согласност со законските прописи. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, порача дека очекува институциите темелно да го истражат случајот и доколку се утврди одговорност, виновниците да бидат санкционирани.

„Доколку нема одговорност и казнивост, тоа ќе доведе до повторување на истите појави во иднина. Средствата во здравствениот систем се ограничени и затоа мора да се намалат сите загуби, вклучително и оние што произлегуваат од евентуален криминал“, изјави Клековски.

На неправилности во работењето на Институтот претходно укажа и Државниот завод за ревизија, кој во свој извештај нотирал нецелосна евиденција за приемот и потрошувачката на медицински материјали, како и сомнителни исплати на плати и надоместоци. Надлежните институции засега не откриваат детали за текот на истрагата, но најавуваат дека предметот е во фаза на проверка на доставената документација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс