Агентот со вештачка интелигенција „Muse“ на Мета пристигна во директните пораки на Инстаграм

Корисниците можат да добијат контекст за објави, да организираат зачувана содржина, да прават листи за пазарување и планови за патување без да ја напуштат апликацијата.

Корисниците на Инстаграм отсега можат да разговараат со агентот со вештачка интелигенција на Мета, „Muse“ (Мјуз), директно во директните пораки. Оваа информација ја соопшти компанијата во вторникот, а од таму најавуваат дека корисниците можат да се допишуваат со „Muse“ за да добијат повеќе контекст за некоја објава, место или производ на кој наишле или пак да се информираат за пропуштените разговори во другите пораки.

Новата интеграција ја отстранува потребата корисниците да се префрлаат меѓу Инстаграм и апликацијата „Muse“ кога сакаат да комуницираат со агентот со вештачка интелигенција. Овој потег ја одразува сè поголемата конкуренција меѓу технолошките компании во обидите да ги направат асистентите со вештачка интелигенција дел од секојдневниот дигитален живот. Со вградувањето на „Muse“ директно во Инстаграм, Мета им го олеснува пристапот на корисниците, но истовремено му дава на асистентот пристап до платформа на која луѓето веќе откриваат производи, локации и содржини.

Корисниците можат да споделуваат објави од Инстаграм со „Muse“ и да побараат од него да преземе конкретна акција. На пример, да се додаде кафуле во нивниот план за патување или да се пронајде попуст за одредени производи. Од Мета напоменуваат дека разговорите со „Muse“ на Инстаграм ќе се појавуваат како спореден разговор во главната апликација „Muse“.

Опцијата за „Muse“ во пораките на Инстаграм официјално беше воведена во вторникот за корисниците на iOS и Android во САД, Канада, Мексико, Јапонија и Сингапур.

Мета исто така објави дека корисниците сега ќе можат да направат многу повеќе со објавите и видеата што ги зачувале на Инстаграм. На пример, тие ќе можат да побараат од „Muse“ да им ја организира зачуваната содржина во посебни папки, исто така можат да побараат од асистентот да претвори видео со рецепт во листа за пазарување, да ги претвори содржините од омилените креатори за патувања во детален план за претстојно патување или да им испрати идеи за облека врз основа на модните видеа што ги собрале.


Од Мета порачуваат дека корисниците ја задржуваат целосната контрола врз своето искуство со „Muse“ на Инстаграм. Ништо не се споделува, објавува или испраќа без нивно одобрение, а тие во секое време можат да побараат од асистентот да заборави одредени информации или да поништи некоја акција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс