Од 15 јуни нов режим на патарините: MTAG лентите само за електронски тагови

Возачите кои користат MCard повеќе нема да можат да плаќаат на лентите означени за MTAG. Од 15 јуни ЈПДП воведува нови правила со цел побрз и поефикасен проток на возила на наплатните станици.

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) потсетува дека од 15 јуни 2026 година стапуваат во сила измени во функционирањето на системот за електронска наплата на патарините. Според новите правила, лентите означени со MTAG ќе бидат наменети исклучиво за возила кои користат електронски тагови. 

Тоа значи дека плаќањето со MCard повеќе нема да биде дозволено на овие ленти. Корисниците на MCard ќе треба да ги користат останатите достапни ленти на наплатните станици, согласно нивната намена. 

Од ЈПДП апелираат возачите внимателно да ја следат вертикалната и хоризонталната сигнализација, како и информативните електронски табли поставени пред наплатните рампи. На станиците јасно ќе бидат означени лентите за електронска наплата и лентите за готовинско плаќање. 

Претпријатието потсетува дека зелената стрелка означува отворена и активна лента, додека црвениот знак „X“ означува затворена лента. Непочитувањето на сигнализацијата може да предизвика застои и да влијае врз безбедноста и ефикасноста на сообраќајот, особено во периодот на зголемена летна фреквенција на возила. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс