Мостот на улицата „Љубљанска“ треба да биде пуштен во сообраќај до крајот на годинава, соопштија денеска градските власти по увидот во градежните работи. По неколкугодишен застој поради усогласувањата со заштитата на археолошкиот локалитет Скупи, продолжува финалната изведба на сообраќајницата. Новата траса треба директно да ги поврзе улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, создавајќи сообраќаен коридор меѓу Карпош, Бардовци и Злокуќани, со цел да се намали метежот на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“.
Проектот предвидува коловоз со ширина од 12 метри, распореден во четири сообраќајни ленти, по две во секоја насока, на вкупна површина од 5.350 квадратни метри.
За пешаците и велосипедистите се предвидени патеки од двете страни на сообраќајницата. Секоја патека ќе биде со ширина од два метра, што зафаќа вкупна површина од 3.815 квадратни метри за одвоен сообраќај.
Градежните активности беа во прекин поради потребната согласност од Конзерваторскиот центар за заштита на културното наследство на локалитетот Скупи. Оваа институционална постапка сега е завршена, со што се создадени законски услови за непречено завршување на градежните зафати на терен.
На локацијата веќе се изградени потпорни ѕидови од двете страни на булеварот со употреба на 2.050 кубни метри бетон. Поставена е атмосферска канализација со должина од 473 метри, а целата делница ќе добие улично осветлување со 40 столбови.
Поврзувањето на двете сообраќајници преку новиот мост треба да овозможи побрз пристап од северниот и западниот дел на градот кон Индустриската зона и скопската обиколница.
Во овој дел од градот, Град Скопје најави и партерно уредување на нов парк на површина од 70.000 квадратни метри во Карпош, заедно со активности за расчистување на кејот на реката Вардар.