Во Кина е изграден еден од најимпресивните инфраструктурни проекти во светот – прекуокеанскиот премин Shenzhen-Zhongshan, вреден 6,7 милијарди долари. Овој модерен комплекс, долг 24 километри, ги поврзува градовите Шенжен и Џонгшан преку устието на Бисерната Река и значително го олеснува сообраќајот во еден од најгусто населените региони во светот.
Проектот вклучува два огромни моста, подводен тунел и две вештачки острови. Благодарение на осумте сообраќајни ленти и дозволената брзина до 100 километри на час, патувањето кое претходно траело околу два часа сега се поминува за само 30 минути.
Изградбата траела седум години, а преминот веќе постави 10 светски рекорди во инженерството. Меѓу нив се најдолгиот двонасочен подводен тунел со осум ленти, најголемото сидро за висечки мост на море и најширокиот подводен тунел од челична и бетонска конструкција.
Тунелот располага и со напредни безбедносни системи. Специјални роботи постојано патролираат, ги следат инсталациите и можат да реагираат при сообраќајни несреќи. Во случај на опасност, светлата во тунелот автоматски ја менуваат бојата за полесна евакуација и насочување на возачите.
Овој мегапроект е дел од пошироката транспортна мрежа што го поврзува регионот околу Хонг Конг, Макао и градовите во провинцијата Гуангдонг. Кинеските власти сметаат дека новата врска ќе придонесе за побрз економски развој и подобра комуникација меѓу милионите жители во областа.