Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, од говорницата на седницата на Националниот совет за евроинтеграции порача дека Македонија не смее повеќе да го губи времето на патот кон Европската Унија.
Таа истакна дека историјата нема да ги памети политичките поделби, туку одлуките што ќе бидат донесени во интерес на државата и граѓаните.
„Историјата нема да нè памети по тоа кој бил власт, а кој опозиција. Ќе нè памети по тоа дали сме имале храброст да донесеме одлуки кога и било најпотребно на државата и граѓаните. Губиме време, губиме пари за граѓаните. Само денес ризикуваме да изгубиме 4,2 милиони евра“, изјави Зајкова.
Според неа, иако постојат надворешни предизвици во процесот на евроинтеграциите, домашните политички чинители немаат право недостатокот од договор да го оправдуваат со надворешни фактори.
Зајкова предложи сите политички партии, без разлика дали се дел од власта или опозицијата, да седнат на заедничка маса и да изработат национален план за членство во Европската Унија.
„Да се затвориме во една просторија. Да ги оставиме партиските прес-конференции, дневните пресметки и политичките поени пред вратата. И од таа просторија да не излеземе сè додека не излеземе со конкретни решенија, со јасни позиции и со национален план зад кој ќе можат да застанат сите што искрено сакаат Македонија да стане членка на Европската Унија“, порача таа.
Во своето обраќање, Зајкова оцени дека граѓаните се изморени од недостигот на напредок во евроинтегративниот процес и очекуваат повеќе одговорност и конкретни резултати од политичките партии.