Има песни што не те тераат веднаш да станеш од столчето. Прво ти влегуваат под кожа. Те оставаат малку да лебдиш, да се изгубиш во нивното ехо, а потоа, некаде меѓу басот, синтисајзерите и гласот, сфаќаш дека веќе танцуваш.
Таква е „Water From a Vine Leaf“, култната 1993 трака на William Orbit со Beth Orton. Песна што не го освои светот со певлив рефрен, ниту со прво место на топ-листите.
Во Велика Британија стигнала до #59 и поминала една недела на сингл-листата. Подоцна, втората клубска ренесанса ја доби преку ремиксите на Underworld.
Гласот на Beth Orton не влегува во песната како класичен поп-вокал што бара внимание. Вокалот е дел од пејзажот. Лебди меѓу ритамот и атмосферата, помеѓу нешто интимно и нешто бескрајно далечно. Во тие седум минути има house, ambient, техно подлога и многу простор. Доволно простор секој да внесе сопствена мисла, спомен или доцноноќен поглед низ прозорец.
Тоа е William Orbit во суштина: електронска музика што не се плаши да биде емотивна.
А денес, „Water From a Vine Leaf“ звучи и како мала, течна и бескрајно убава посвета на човекот што ја создаде.
William Orbit, британскиот музичар, композитор и продуцент, почина на 23 јули годинава, на 69-годишна возраст. Веста беше објавена на 7 август преку порака од неговото семејство и пријатели.
Пред да стане човекот зад „Ray of Light“
Кога ќе се спомене името William Orbit, многумина прво ќе помислат на Madonna. И сосема оправдано: неговата работа на нејзиниот “Ray of Light” од 1998 година помогна поп-музиката да звучи поинаку, подлабоко, посветло, похрабро и многу поелектронски.
Но Orbit беше далеку повеќе од „продуцентот на Madonna“.
Тој го остави својот потпис и на “13” на Blur, работеше со U2, Britney Spears, Beth Orton, Robbie Williams и All Saints, меѓу другите. Со All Saints стои зад звукот на „Pure Shores“ и „Black Coffee“, песни што и денес звучат како да доаѓаат од некоја поп-иднина што сè уште не сме ја достигнале.
Неговиот талент не беше во тоа да направи сè да звучи „големо“. Напротив. Orbit знаеше како звукот да го направи простран. Како синтисајзерот да не биде машина, туку магла. Како ритамот да не биде команда, туку пулс.
И токму во тоа е вредноста на Orbit. Неговите песни никогаш не се само за една намена. Може да бидат soundtrack за осамен пат дома, за утрински афтер после долга ноќ, за слушалки додека градот спие, но и за моментот кога светлата се пригушуваат, а сите во просторијата решаваат да се движат уште малку.
Не од еуфорија. Туку од потреба.
Овој понеделник, да заиграме малку меланхолично
Смртта на William Orbit затвора едно огромно поглавје во електронската и поп-музиката. Но неговиот звук не припаѓа на минатото. И денес во него има нешто свежо, меко, чудно и бескрајно современо.
Затоа, овој #MondayDance нека не биде само уште еден носталгичен избор. Нека биде мал ритуал.
Пуштете ја „Water From a Vine Leaf“ гласно или тивко, како ви годи. Пуштете ја оригиналот, а потоа пуштете го и Underworld ремиксот. Затворете ги очите, препуштете се на ритамот и заиграјте.
Во чест и слава на William Orbit, големиот мајстор кој покажа дека електронската музика може истовремено да биде и клуб, и облак, и спомен.