Нашата галаксија веројатно претрпела судир и ротирала за 90 степени

Со компјутерски симулации, тим од Универзитетот Дарем го поврза настанот со бавната ротација на ѕвездите во галактичкиот хало.

Тим астрономи предводен од Кирил Батраков од Универзитетот Дарем, врз основа на нови компјутерски симулации, тврди дека дискот на Млечниот Пат можеби се превртил за повеќе од 90 степени по судир со друга галаксија пред околу 10 милијарди години. Наодите беа претставени на Националниот астрономски собир на Кралското астрономско друштво 2026 година во Велика Британија.

Млечниот Пат често го замислуваме како стабилен диск што правилно се врти низ вселената. Новите истражувања, пак, укажуваат на многу потурболентно минато. Пред околу 10 милијарди години, според симулациите, нашата галаксија се судрила со помала галаксија со надимак „Гајина колбасица”, добиен по нејзиниот претпоставен издолжен облик. Тој судир можел да создаде гравитациски момент кој постепено, низ милијарди години, го превртел дискот на Млечниот Пат.

Во последната деценија, сателитот Гаја, чија мисија е мапирање на позициите и движењата на ѕвездите во нашата галаксија, забележа необична појава: ѕвездите на рабовите на ѕвездениот хало кружат околу центарот на галаксијата значително побавно отколку што се очекуваше врз основа на пресметаната маса на Млечниот Пат. Едно можно објаснување било дека досегашните проценки на масата биле погрешни. Батраков и неговиот тим одлучиле да ја истражат другата можност.

Користејќи го комплетот космолошки симулации Auriga, истражувачите ги моделирале ротациите на галаксии слични на нашата. Симулациите покажале дека ѕвездените хало на галаксии кои рано настанале и поминале низ големи спојувања обично ротираат побавно. Постојат многу докази дека Млечниот Пат во минатото се судирал и спојувал со повеќе помали галаксии, од ѕвездени текови чиј хемиски состав открива дека потекнуваат надвор од нашата галаксија, до искривувања на самиот галактички диск.

„Проектот започна како истражување на брзината на ротација на ѕвездениот хало”, изјавил Батраков. Донекаде бил изненаден од откриената врска помеѓу ротацијата на халото и наведнувањето на дискот, врска што, според него, ја одразува сложената природа на Млечниот Пат и на галаксиите воопшто.

Тимот на Батраков не е единствениот што дошол до ваков заклучок. Во труд објавен порано оваа година, тим астрономи од Кинеската академија на науките исто така пронашол докази дека халото од темната материја на Млечниот Пат е ориентирано речиси под прав агол на неговиот ѕвезден диск. И тие заклучиле дека најверојатното објаснување е постепена реориентација на галактичкиот диск.

е-Трн да боцка во твојот инбокс