Како изгледаат банките низ очите на младите кога наместо за камати ги прашуваме за чувство? Во кратка улична анкета, им поставивме три едноставни прашања: како им е кога влегуваат во банка, што би смениле во амбиентот и како, според нив, изгледа банка со добар „vibe“.
Одговорите се далеку од опуштени: „чекаш, чекаш, а сите се бутаат преку ред“, „малку е тензично, се работи со пари“, „страшно, многу информации ти доаѓаат“. Се споменуваат и проблематично однесување, нервозни клиенти и караници. Дури и кога впечатокот е дека сè е „под ред, чисто и средено“, просторот често делува стерилно и студено, а не како место во кое ти е пријатно да седиш.
Кога разговорот се насочи кон тоа што би смениле, фокусот се префрли на просторот и односот. Дел од младите би сакале покомотен ентериер, повеќе светлина и поубави бои, чувство на слобода наместо стега. Други бараат потопол и понормален однос меѓу вработените и клиентите, со помалку нервоза и повеќе трпение. Се појавуваат и практични предлози: повеќе шалтери и посилно чувство на безбедност.
На прашањето како треба да изгледа банка со добар „vibe“, сликите стануваат многу поразиграни: ентериер прилагоден за млади, удобни столчиња, телевизори, книги и списанија, многу зеленило и бои што не потсетуваат на аптека, туку на модерен, топол простор. Сепак, најсилната порака останува дека луѓето го прават „вајбот“.
Оваа мини-анкета не е статистика, туку искрен пресек: за многу млади, банката сè уште е место каде се оди брзо да се заврши работа и веднаш да се замине, а не простор за еден убав час поминат некаде. Впечатокот е јасен: ред, чистота и правила има, но „vibe“ сè уште недостига.