ЕУ предупредува на нова закана: Млади се радикализираат за статус на интернет

Истражителите идентификуваа илјадници адреси поврзани со групата „The COM“, каде насилството нема политичка цел туку служи како доказ за популарност меѓу тинејџерите.
Фото: Photo by Keira Burton: https://www.pexels.com/photo/diverse-friends-bullying-classmate-near-building-6147155/

Европските безбедносни служби се соочуваат со нов облик на насилен екстремизам меѓу тинејџерите, поттикнат од дигиталните платформи каде целта е насилство само по себе. Координаторот на ЕУ за борба против тероризам, Бартјан Вегтер, објави дека полициски тимови од девет европски земји откриле околу 4.340 интернет-адреси поврзани со озлогласената мрежа „The COM“. Според институциите, мотивот не е политички или верски, туку брутална трка за онлајн статус меѓу малолетници.

Безбедносните служби ја дефинираат оваа појава како нихилистички насилен екстремизам, феномен чии точни размери сè уште се истражуваат. За време на координативната акција спроведена во јуни и јули, европските истражители мапираа илјадници виртуелни точки преку кои комуницираат претежно малолетни лица.

„Тоа е насилство заради самото насилство“, предупреди Бартјан Вегтер во изјава за Асошиејтед прес. Според европските безбедносни документи, припадниците на овие заедници не бараат смена на власт или идеолошка победа. Нападите служат исклучиво како лична промоција и градење дигитална репутација.

Европол не води засебна статистика за овој феномен бидејќи правните дефиниции варираат од криминал до тероризам, но конкретните случаи веќе стигнаа до судовите.

Во Финска, шеснаесетгодишник со нож нападна три свои соученички. Пред нападот, тинејџерот го споделил својот манифест на апликацијата WhatsApp, а чинот го пренесувал во живо преку Snapchat. Документите на ЕУ потврдија дека немало никаква политичка позадина.

Сличен случај забележаа и италијанските власти, каде петнаесетгодишник планирал убиство со цел да стекне слава на социјалните мрежи. При претресот, полицијата во неговиот телефон открила архива со снимки од училишни пукања, егзекуции и детска порнографија.

Иако досегашните полициски акции беа насочени кон девет западноевропски земји, каналите за регрутација не познаваат граници. Домашните безбедносни аналитичари со години предупредуваат дека платформите како Discord, Telegram и Snapchat се главен простор каде македонските тинејџери комуницираат без надзор. Ризикот лежи во алгоритмите што ги туркаат изолираните млади кон групи каде агресијата се наградува со виртуелно одобрување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс