Шамар, телефон и публика: Зошто тинејџерите се снимаат како малтретираат?

Деновиве повторно на социјалните мрежи се појави видео од девојче опколено од врсници, удирано со шлаканици и клоци, без да ѝ се даде можност да се брани. Ова е последно во низата слични случаи низ Македонија оваа година, како тинејџери се снимаат додека малтретираат свои врсници. Зошто се случува ова и дали е тренд само во земјава?
Фото: Photo by La Fabbrica Dei Sogni on Unsplash

Ваквото малтретирање и снимање за интернет не е ограничено само на Македонија или регионот, туку е глобален тренд со историја од 20 години, има име и низа истражување кои објаснуваат зошто постојано се повторува.

Феноменот се вика „happy slapping” (среќно шамарење). Се појави во Обединетото Кралство околу 2005 година, набргу откако телефоните со камера станаа доволно достапни и распространети за тинејџерите секојдневно да ги носат со себе. Механизмот бил едноставен и во тоа време, нов: еден или повеќе напаѓачи напаѓаат жртва конкретно за да соучесник ја сними реакцијата. Првите случаи биле претставувани од британските медиуми како шега, но ситуацијата брзо ескалирала.

До 2007 година, само лондонската транспортна полиција истражила околу 200 случаи за шест месеци. За неколку години модата произвела и вистински фатални последици, вклучувајќи го убиството на Гевин Вотерхаус во Кили во 2007 година, каде напаѓачите ѝ дале телефон на тинејџерка и ѝ рекле да го сними убиството. Слично е и убиството на пензионираниот социјален работник Екрам Хак во 2009 година, претепан од двајца тинејџери додека излегувал од црква.

Франција, Данска и други европски земји подоцна донесоа специфични закони кои го криминализираат снимањето и дистрибуцијата на напади, токму затоа што постојните закони за насилство не ја опфаќаа втората „штета“ од нападот, намерниот акт на понижување за публика и забава.

Иако ваквата пракса еден период забележа намалување, поради немањето анонимност на социјалните мрежи, сепак ваквото однесување повторно се враќа со можноста за станување „вирален“. Механизмот што ја поврзува верзијата од 2005 година со верзијата од 2026 година е ист: напаѓачите добиваат задоволство од снимањето и дистрибуирањето на реакцијата на жртвата, а тоа задоволство расте директно со големината на публиката што гледа. Она што TikTok и Instagram го додадоа на овој феномен не беше нов мотив, туку инфраструктура. Нивните алгоритми се изградени да го наградуваат сето она што генерира ангажман, а шокантните, сензационални снимки генерираат ангажман доста ефикасно, што значи дека платформите активно го засилуваат прикажувањето на оваа содржината на повеќе гледачи отколку што споделувањето од телефон-на-телефон во 2005 година можело.

Фото: Photo by Keira Burton: https://www.pexels.com/photo/diverse-friends-bullying-classmate-near-building-6147155/

Зошто тинејџерите го прават ова?

Тука постојат две одделни психолошки прашања, вредни да се разделат: зошто некој напаѓа врсник пред камера и зошто сите останати стојат и снимаат наместо да интервенираат.

За второто прашање, македонската психотерапевтка Билјана Вуковиќ, прашана за сличен случај во скопски Аеродром, го објасни тоа преку призмата на апатијата на набљудувачот. Првата реакција на човекот кога сведочи насилство не е пресметан морален суд, туку лична вознемиреност и автоматска реакција „борба, бегство или замрзнување”. Емпатијата и импулсот за интервенција се активираат подоцна, доколку воопшто се активираат. Таа исто така укажа на добро документиран ефект: колку повеќе сведоци се присутни, толку е помала веројатноста некој поединец меѓу нив да дејствува, бидејќи секој претпоставува дека некој друг ќе стори нешто. Она што се промени е тоа што „сведочењето” сега значи и „снимање”, па реакцијата на замрзнување и импулсот за снимање однадвор можат да изгледаат неразликливи од соучесништво.

Фото: Photo by Pixabay: https://www.pexels.com/photo/white-ipad-159435/

За првото прашање, зошто некој воопшто го иницира нападот, истражувачите опишуваат нешто блиско до гејмификација. Во средина изградена околу лајкови, прегледи и видлива дигитална потврда, шокантната содржина станува валута. За тинејџер кој бара подобар статус кај својте врсници, иницирањето или учеството во снимен напад може да функционира како брз, високо видлив пат кон социјално признание. Постои и документиран ефект на десензитизација кај публиката: повторената изложеност на снимено врсничко насилство меѓу тинејџерите ја нормализира агресијата и постепено ја намалува емпатијата кон луѓето што страдаат, што го намалува прагот за следниот инцидент.

Дека ова не се изолирани случаи само во Македонија покажуваат и примерите од Шпанија, каде што шпанската полиција и „Фондасион Сол” оваа година лансираа кампања за подигање свест насочена конкретно кон „happy slapping”, откако податоците покажаа над 12.500 кривични дела за напади извршени од малолетници во 2024 година и раст од 18,8 отсто на годишно ниво на обиди за убиство и убиства меѓу млади, што обвинителите го припишуваат на групна динамика и ескалирачко врсничко насилство.

Шпанските власти отидоа дотаму да предупредат дека секој над 14 години кој снима, споделува, или дури и реагира со нешто мало како „лајк” на ваков вид видео, законски учествува во делото и не е само набљудувач. Во 61 отсто од инцидентите во Шпанија, напаѓачот е близок пријател или соученик на жртвата, а не странец, што значи дека честопати не станува збор за случајно насилство врз случајни цели, туку насилство во рамки на постоечка социјална врска, искористено како оружје, а потоа емитувано.

Соединетите Американски Држави имаа своја варијанта, трендот „slap a teacher“ (плесни наставник) кој се прошири на TikTok пред неколку години, насочен кон авторитетни фигури наместо врсници, но следејќи ја идентичната структура: непозната жртва, непровоциран напад, соучесник кој снима и дистрибуција за смеа и статус.

Ова не се неповрзани инциденти што одразуваат некаков ненадеен колапс во однесувањето на младината специфично за Куманово или Скопје, туку локални примери на добро документиран, децениски глобален образец кој платформите го направија полесен за производство и бесконечно полесен за дистрибуција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс