На граничниот премин Богородица за излез од државата утринава се чека околу 45 минути, соопшти Автомото сојузот на Македонија. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но интензитетот на возила надвор од градските средини е зголемен. На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно возење низ котлините, речните долини и клисурите. Опасност од појава на одрони има особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Летниот режим за камиони над 15 тони на државните патишта останува во сила до 31 август. Забраната важи во петок од 17:00 до 22:00 часот, во сабота од 09:00 до 18:00 часот и во недела од 09:00 до 22:00 часот. При екстремно високи температури ограничувањето се применува и од понеделник до четврток меѓу 11:00 и 17:00 часот.
На делницата Скопје – Охрид – Скопје важи забрана за камиони над 7,5 тони. Ова ограничување трае до 1 септември и се применува во петок (15:00 – 22:00), сабота (07:00 – 12:00 и 18:00 – 24:00) и недела (07:00 – 22:00 часот).
Поради санација на косина на автопатот А4, пред наплатната станица Преод на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип сообраќајот се одвива по изменет режим до 1 октомври.
Градежни работи и санации на мостови се во тек на патниот правец А2 кај село Желино и на делницата Гостивар – Стража (вијадукти Атанасова река и Дол). На скопската обиколница кај Волково и Кондово се рехабилитира коловозот, а на патот Кичево – Охрид сообраќајот се одвива со девијации.