OpenAI бара граници за развојот на вештачката интелигенција: „Да не ги надминуваме можностите што не можеме да ги контролираме“

Сем Алтман го поддржа предлогот за заеднички ограничувања во развојот на AI-моделите, во време кога се предупредува дека вештачката интелигенција би можела да го забрза сопствениот развој уште во 2027 година

Компанијата „ОпенАИ“ (OpenAI), една од водечките во развојот на вештачката интелигенција, предлага воведување заеднички ограничувања за развојот на сè помоќни AI-модели. Идејата е компаниите да се договорат за мерливи граници на способностите на моделите и да не ги надминуваат додека не се развијат подобри механизми за нивна безбедност и надзор.

Предлогот го објави главниот научник на компанијата, Јакуб Пачоцки, а го поддржа и извршниот директор Сем Алтман. Тој доаѓа во период на сè поголема загриженост за тоа колку брзо напредува вештачката интелигенција и дали човештвото ќе успее да го контролира нејзиниот развој.

Како би се мереле границите на вештачката интелигенција?

Пачоцки предлага компаниите да користат заеднички показатели, меѓу кои и таканаречената „перплексити“ (perplexity), мерка што покажува колку добро еден AI-модел го предвидува следниот токен – основната единица на текстот што ја обработува.

Поедноставно кажано, колку е пониска перплексити, толку моделот подобро го предвидува следниот дел од текстот. Сепак, ова не е единствен показател за неговата интелигенција, ниту за способностите што може да ги развие.

„Предлагам и воведување заеднички ограничувања засновани на перплексити и други показатели. Развивачите би се обврзале да не ги надминуваат овие граници сè додека не постигнеме конкретен напредок во разбирањето и надзорот врз однесувањето на вештачката интелигенција“, напиша Пачоцки.

Идејата е да се воспостави заеднички индустриски стандард со почетни граници за развојот на моделите, како и јасни услови што мора да бидат исполнети пред тие граници да се поместат.

Дали вештачката интелигенција ќе почне да го забрзува сопствениот развој?

Пачоцки предупредува дека уште во 2027 година вештачката интелигенција би можела значително да го промени начинот на кој се обучуваат новите модели. Тоа би можело дополнително да го забрза нивниот развој, потенцијално побрзо отколку што ќе напредуваат механизмите за безбедност и надзор.

Токму во тоа лежи ризикот: технологијата би можела да стане сè помоќна, додека способноста на луѓето да го разберат, предвидат и контролираат нејзиното однесување не напредува со исто темпо.

Затоа, предлогот подразбира компаниите да се обврзат дека нема да ги надминуваат договорените граници на способностите на моделите сè додека не се воспостават соодветни безбедносни механизми.

Сем Алтман: Ова е една од најважните објави на OpenAI

Извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, јавно го поддржа предлогот на Пачоцки, оценувајќи го како една од најважните објави на компанијата во подолг период. Во објава на платформата Икс, Алтман порача дека индустријата треба да се договори за заеднички ограничувања во развојот на вештачката интелигенција.


Според него, ваквите ограничувања би можеле да помогнат развојот на технологијата да остане безбеден и под контрола, наместо компаниите да се натпреваруваат во создавање сè помоќни модели без доволно развиени механизми за заштита. Предлогот отвора и пошироко прашање: дали компаниите што се натпреваруваат во развојот на вештачката интелигенција можат да се договорат за заеднички правила – и дали ќе ги почитуваат дури и кога тоа значи забавување на сопствениот технолошки напредок?

е-Трн да боцка во твојот инбокс