„Митот за Амазонките“ вечерва во Охрид: Грчкиот „АРТ денс театар“ носи античка легенда на сцената

Балетскиот перформанс „Митот за Амазонките“ вечерва ќе биде изведен на „Охридско лето“ од грчката театарска и балетска компанија „АРТ денс“.

Програмата на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со балетскиот перформанс „Митот за Амазонките“, кој ќе го изведе театарската и балетска компанија „АРТ денс“ од Грција. Претставата ќе се одржи на сцената на „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот, а пред охридската публика ќе донесе современа танцова интерпретација на еден од најпознатите митови од античката грчка традиција.

„Митот за Амазонките“ е танцов перформанс инспириран од легендата за митската раса жени воини, со оригинална музика компонирана специјално за оваа изведба.

Според античките преданија, Амазонките биле потомки на богот Арес и нимфата Хармонија. Нивниот дом се поврзува со Темискира на брегот на Црното Море, а во митовите се опишуваат како непобедливи воини, мајстори со меч и лак, кои биле рамноправни противници на најголемите херои. Претставата се фокусира на две клучни приказни поврзани со Амазонките – митот за Херкулес и кражбата на златниот ремен, како и легендата за последната битка на кралицата Пентесилеја со Ахил.

Во митот за Пентесилеја, Ахил ја победува амазонската кралица, но откако ѝ го отстранува сребрениот шлем и го открива нејзиното лице, е воодушевен од нејзината убавина и се вљубува во неа. Автор на режијата и кореографијата е Артемис Игнатиу, кој е и уметнички директор на церемонијата на палење и предавање на Олимпискиот пламен.

Компанија со меѓународно искуство

Театарската и балетска компанија „АРТ денс“ настапува на бројни фестивали и сцени во Грција и во странство. Компанијата ја претставувала Грција на 10. Танцов фестивал во Лимасол, Кипар, во 2007 година, а учествувала и на отворањето на 6. Фестивал на културата во Пекинг во 2008 година, како дел од Културната олимпијада во Кина.

Балетската претстава „Митот за Амазонките“ премиерно била изведена во 2013 година на Културниот фестивал во музејот „Бубулина“ во Спетсес, Грција. Година подоцна, перформансот бил избран од грчкото Министерство за култура да ја претставува Грција на Интернационалниот фестивал во Сус, Тунис, како и на други меѓународни фестивали.

Во рамки на културната соработка меѓу Грција и Кина, „Амазонките“ биле изведени во Гуанжу и Шунде-Фошан во 2017 година, а во 2022 година биле дел од програмата за одбележување на Тирана како европски младински град. Со оваа изведба „Охридско лето“ продолжува да ја збогатува фестивалската програма со меѓународни уметнички проекти што ги поврзуваат историјата, митологијата и современиот сценски израз.

е-Трн да боцка во твојот инбокс