Нови траги на Марс би можеле да укажуваат на услови за живот: Под површината можеби има магма

Европска вселенска сонда открила можен сигнал на хлороводород во близина на голем вулкан на Марс. Научниците претпоставуваат дека под површината би можеле да постојат хидротермални извори, слични на оние на Земјата, во кои е можно да опстојува живот.

Гас што продира низ пукнатините на Марс укажува дека под површината на Црвената Планета можеби сè уште има магма, а можно е да постојат и средини слични на земјините хидротермални извори, во кои би можеле да се создадат услови за живот. Ова го покажува ново научно истражување.

Европската вселенска сонда „Егзомарс трејс гас орбитер“ (TGO) регистрирала можен сигнал од хлороводород што истекува низ пукнатини во областа Алба Монс, вулкан со најголема површина на Марс. Научниците претпоставуваат дека гасот би можел да потекнува од емисии на врела магма под марсовскиот реголит, односно растреситиот површински слој на почвата.

Иако се потребни дополнителни истражувања за да се потврди присуството на гасот и неговото потекло, научниот тим смета дека во областа Алба Монс можеби постои средина слична на хидротермалните извори на Земјата. Токму во такви средини, според една од научните хипотези, настанал животот на нашата планета, а некои организми опстојуваат таму и денес.

Истражувањето е објавено во научното списание „Сајенс адвансес“ (Science Advances). Тоа не е прв труд што укажува на можноста магма да се наоѓа под површината на Марс. Лендерот на НАСА „Инсајт“ претходно, врз основа на сеизмички набљудувања и моделирање, дошол до заклучок дека такво нешто е можно. Сепак, новите резултати се најсилниот доказ досега дека успаните вулкани на Марс можеби испуштаат гасови, изјави за „Лајв сајенс“ Александар Трохимовски од рускиот Институт за вселенски истражувања, главен автор на студијата.

„Нашето истражување обезбедува дополнителен и потенцијално независен доказ за постоење магма на Марс: набљудувања на атмосферата што откриваат можни траги од испуштање гас од подземен магматски систем“, напиша Трохимовски.

Европската сонда открила необични емисии на гас

Сондата TGO првпат го детектирала хлороводородот во атмосферата на Марс во 2021 година, но научниците тогаш биле претпазливи во поврзувањето на откритието со вулканска активност.

Гасот се појавувал сезонски, но неговото присуство не било ограничено само на областа со потенцијална вулканска активност. Не биле забележани ниту други показатели за вулкански гасови, како што е сулфурот, објаснил за „Лајв сајенс“ коавторот на истражувањето Кевин Олсон, гостински истражувач на Универзитетот во Оксфорд, кој ги проучува гасовите на Марс.

Меѓутоа, понатамошните анализи покажале дека гасот не се појавува само во текот на потоплите пролетни и летни месеци на јужната хемисфера на Марс, туку и во текот на зимата на северната хемисфера.

Олсон објаснил дека забележал две мерења на почетокот на северната зима во текот на првата марсовска година од мисијата, како и уште едно мерење следната година. Сите биле направени на приближно исто место и во сличен период, што ги изненадило истражувачите. Поради тоа, научниот тим започнал посебна кампања за насочени мерења во истиот период и на истата локација. Една марсовска година трае речиси две земјини години, поради поголемата орбита на планетата околу Сонцето.

Кампањата траела две марсовски години, односно приближно четири земјини години. Со неа се зголемила веројатноста дека научниците навистина регистрираат испуштање хлороводород во атмосферата преку отвори во близина на вулканот.

Истражувачите потврдиле дека гасот се појавува и надвор од вообичаениот сезонски период на северната хемисфера. Забележале јасен и изразен сигнал, кој потоа постепено ослабувал и паѓал под прагот на детекција на сондата.

„Оваа неправилност повеќе укажува на краткотрајно испуштање гас во атмосферата отколку на вообичаени атмосферски хемиски процеси. Иако поврзаноста сè уште е хипотеза, во текот на четири марсовски години набљудувања видовме дека гасот се појавува локално, и никаде на друго место“, истакнал Олсон.

Дали под површината на Марс може да постои живот?

Даниел Меже, коавтор на студијата и професор по планетарна геологија на Полската академија на науките, ги идентификувал пукнатините низ кои би можел да истекува гасот. Тој нагласил дека дополнителна тежина на истражувањето му даваат доказите собрани со два различни инструмента. Лендерот „Инсајт“ се наоѓал на површината на Марс и регистрирал активност во кората на планетата, додека орбитерот TGO кружел околу неа и детектирал емисии во атмосферата.

Самото присуство на магма не е доказ дека на Марс постои живот. Сепак, Меже потсетил дека првите облици на живот на Земјата можеби настанале во средини како хидротермалните подрачја, каде што постои слична комбинација на материјали и енергија каква што би можела да се најде и во потенцијалните отвори на Марс.

Истражувачот предупредува дека за да се создадат услови за настанување живот, поволната средина би требало да опстојува најмалку неколку милиони години.

„Ако овие услови се исполнети на локално ниво, во размерите на самите структури низ кои истекува гасот, тогаш живите организми би можеле да чекаат да ги откриеме. Сепак, не е сигурно дека стабилни услови можеле да се одржат толку долго на толку мал простор“, изјавил Меже за „Лајв сајенс“.


Научниците засега не тврдат дека откриле живот на Марс. Новите резултати отвораат можност за постоење подземна средина во која би можеле да се создадат услови погодни за негово настанување или опстојување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс