Најмалку 25 дојави за бомби во авиони низ Европа: Летовите принудно пренасочувани

Вторпат оваа недела бран лажни закани го наруши авиосообраќајот од Ирска до Бугарија. Најмалку 25 летови морале да слетаат на непланирани аеродроми или биле придружувани од воени авиони.

Бран лажни закани со бомби утрово, по вторпат оваа недела, го наруши авиосообраќајот на европските авиокомпании, од Ирска до Бугарија. Поради заканите, најмалку 25 летови морале да слетаат на непланирани аеродроми или биле придружувани од борбени авиони.

Иако ниту една држава не е директно обвинета за заканите, инцидентите се случуваат во период кога повеќе европски функционери ја обвинуваат Русија дека планира саботажи и таканаречени хибридни напади – активности што често тешко можат да се докажат и за кои не се очекува употреба на воена сила.

Данска, Полска и Романија, кои сите беа погодени од денешните нарушувања, претходно директно ја обвинија Москва за вакви активности. Германија, пак, во август ја обвини Русија за напад врз аеродромот во Лајпциг.

И Велика Британија претходно ја обвинуваше Русија, но една сомнителна завера – напад врз американска воена воздухопловна база – ја поврза со Иран. И Русија и Иран негираат каква било вмешаност во овие инциденти.

Ерик Схоутен, раководител на групата за воздухопловна безбедност „Дајами“, изјави дека повеќето земји во кои биле примени дојави за бомби ја поддржуваат Украина во војната против руската инвазија.

Авиони пренасочувани низ Европа

Авионот на ирската компанија „Аер Лингус“, на летот ЕИ402 од Даблин кон Рим, безбедно слетал на аеродромот во Еврe, на околу 100 километри западно од Париз, откако бил пренасочен од безбедносни причини, соопшти авиокомпанијата.

Белгиските медиуми објавија дека авионот кој поради закана морал да слета на бриселскиот аеродром Завентем ѝ припаѓал на полската авиокомпанија „ЛОТ“. Италијанските воздухопловни сили безбедно придружувале авион на финската компанија „Финенр“, кој летал од Хелсинки, до неговата планирана дестинација во Рим, изјавил извор запознаен со случајот.

Бугарија и Чешка во состојба на готовност

Бугарските власти соопштија дека три авиони морале принудно да слетаат поради дојави за поставени бомби.Авионите што летале од Копенхаген и Мадрид слетале во Софија, изјави министерот за внатрешни работи, а пренесе телевизијата „Би-Ти-Ви“. Третиот авион, кој летал од Лондон, слетал во Пловдив, објавија локалните медиуми.


Чешката полиција соопшти на социјалната мрежа Икс дека денеска четири авиони на пат кон Прага добиле дојави за бомби и дека се подготвува нивното пристигнување. Полицијата оцени дека веродостојноста на заканите е мала.

е-Трн да боцка во твојот инбокс