Илјадници луѓе започнаа протестни маршеви во неколку француски градови, меѓу кои Кан, Лион, Марсеј и Нант, додека во Париз се очекуваат сериозни нарушувања на јавниот ред. Според податоците на француското Министерство за национално образование, до 10 часот биле блокирани 81 средно училиште, односно 2,2 отсто од вкупниот број, објави телевизијата „Бе-еф-ем“.
Синдикатот на средношколците, пак, тврди дека работата на повеќе од 1.000 училишта е во прекин, поради блокади или административни одлуки за нивно затворање.
Париската полициска префектура предупреди дека во протестните маршеви во главниот град би можеле да се инфилтрираат меѓу 400 и 600 припадници на радикални екстремно левичарски групи, насилни демонстранти и вандали.
Во известувањето испратено до разузнавачките служби, полицијата оценила дека долж целата траса на протестите, особено на местата каде што маршевите ќе завршуваат и учесниците ќе се разидуваат, би можело да дојде до сериозни нарушувања на јавниот ред, насилство и материјална штета.
Полицијата предупредува дека најголем ризик постои во завршните делови од протестните маршеви, кога учесниците ќе почнат да се разидуваат.
