Републиканците на Трамп доживеаја тежок изборен пораз: Што значи тоа за остатокот од светот?

Демократите победија и во традиционално републикански упоришта, вклучително и во Тексас. Иако изборните резултати ја менуваат политичката слика во САД, Доналд Трамп останува претседател до 2028 година, а неговите следни потези на меѓународната сцена би можеле да бидат уште понепредвидливи
epa13351566 Jon Ossoff gestures during the election night watch party for his campaign for Senate in Atlanta, Georgia, USA, 03 November 2026. Ossoff and his supporters gather to follow the election results live throughout election night. EPA/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Републиканската партија на Доналд Трамп претрпе тежок пораз на американските избори на средината на претседателскиот мандат. Републиканците влегоа во изборната вечер надевајќи се дека анкетите можеби грешат и дека барем ќе успеат да го задржат мнозинството во Сенатот. Но до полноќ во Вашингтон, партијата се соочуваше со пораз каков што, според првичните процени, не доживеала во последните 50 години.

Загубите не се ограничија само на неизвесните изборни окрузи, во кои партиите вообичаено стравуваат дека можат да изгубат поддршка. Нивниот обем беше многу поголем. Републиканците изгубија сенаторски места во сојузни држави во кои традиционално доминираат, како Тексас и Јужна Каролина. Загубија и изборни окрузи чии граници претходно ги прекроиле во своја корист, уверени дека таму не можат да бидат поразени. Изгубија и места што дури и најдобрите политички аналитичари ги сметаа за сигурни.

Зошто се случи тоа? Со месеци анкетите покажуваа дека гласачите се незадоволни од високите цени, војната во Иран и сè почестите обвинувања за корупција во администрацијата на Трамп. Претседателот беше избран со тесна разлика, ветувајќи стабилно управување со економијата, но во текот на изминатите две години наместо тоа спроведуваше екстремна идеолошка агенда, поддржана само од мал дел од Американците. Ги игнорираше пораките од гласачите, кои сега му испратија остар изборен одговор.

Но резултатите имаат последици што ја надминуваат преостанатата половина од претседателскиот мандат на Трамп. Тие рушат дел од политичките обрасци што со децении ја обликуваа американската политика. Демократите одеднаш победуваат и во средини во кои со години се сметаше дека немаат реални шанси. Политичката карта на САД почнува да изгледа поинаку.

Тексас е еден од највпечатливите примери. Последен пат демократ победил на избори за сенатор во оваа сојузна држава во 1988 година. Демократите не победиле на претседателски избори во Тексас уште од времето на Џими Картер, во 1976 година. Сепак, на овие избори демократот Џејмс Таларико извојува убедлива победа. Доколку Тексас трајно стане политички конкурентна сојузна држава, на републиканците ќе им биде многу потешко да ја освојат претседателската функција во иднина.

Републиканската партија сега со загриженост ќе ги очекува изборите во 2028 година. За првпат од 2016 година, во партијата би можела да започне сериозна дебата за тоа дали треба да се дистанцира од агресивниот национализам и нетолеранцијата на движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА), предводено од Трамп. Демократите, пак, ќе мора да одговорат на прашањето како најдобро да ги искористат изборните победи.

Што ја очекува американската надворешна политика?

За остатокот од светот, промените можеби нема да се почувствуваат толку брзо. И покрај изборниот удар што го претрпе неговата партија, Трамп останува претседател до 2028 година. Конгресот има уставна улога во објавувањето војна и ратификувањето меѓународни договори, но во практиката неговото влијание врз надворешната политика често е ограничено. Тоа значи дека претседателот и натаму има значителен простор за дејствување.

Всушност, американските претседатели чии партии бележат слаб резултат на изборите на средината на мандатот често стануваат поактивни во надворешната политика. Кога можноста за спроведување значајна домашна политичка агенда е речиси недостижна, тие имаат повеќе време да се посветат на односите на САД со остатокот од светот. Истото сценарио би можело да се повтори и со Трамп.

Завршувањето на изборите значи и дека Трамп повеќе нема да мора толку внимателно да ги пресметува домашните политички последици од своите одлуки. Како што се приближуваше изборниот ден, претседателот се повлече од можноста за голема воена конфронтација со Иран и се обиде да постигне примирје во трговската војна со царини. Сега, кога изборните ограничувања се отстранети, неговото однесување би можело да стане уште понепредвидливо.

Конгресот, барем теоретски, не е целосно немоќен да го запре претседателот. Но повеќето мерки што би можел да ги преземе, како прекинување на финансирањето на војната со Иран или враќање на овластувањата за царинската политика од претседателот во Конгресот, бараат мнозинство во двата дома што демократите веројатно нема да го имаат, и покрај големите изборни победи.

За да ги надминат речиси сигурните претседателски вета на законите со кои би се обиделе да ги спроведат овие промени, ќе им биде потребно двотретинско мнозинство. Затоа едно од клучните прашања е дали изборниот пораз на републиканците е доволно тежок за дел од нивните конгресмени да се приклучат на демократите во обидот да го ограничат Трамп.

Она што демократите сигурно ќе можат да го направат е да покренат низа истраги за работењето на администрацијата на Трамп и на некои нејзини високи функционери. Во фокусот најверојатно ќе бидат војната со Иран, личните финансиски зделки на Трамп со странски лидери и управувањето со Пентагон под раководство на министерот за одбрана Пит Хегсет.

Токму Хегсет би можел да биде една од првите политички жртви на овие истраги. Се шпекулира дека би можел да поднесе оставка или да биде разрешен, наместо да се соочи со можноста за постапка за импичмент.

Сепак, на крајот, промената на насоката на американската надворешна политика ќе зависи од одлуките на самиот Трамп. Промените во составот на неговите советници или во Конгресот можат да влијаат само до одредена мера врз претседател кој никогаш доброволно не прифаќал ограничувања на својата моќ.


Остатокот од светот треба да се подготви и за можноста политички ослабениот и лут Трамп да одлучи да ги истури своите фрустрации надвор од границите на САД.

е-Трн да боцка во твојот инбокс