Мирот меѓу Иран и САД е блиску, но светот долго ќе ги чувствува последиците од кризата

Иако Доналд Трамп најавува скорешен мир со Иран и отворање на Ормутскиот Теснец, експертите предупредуваат дека враќањето на нафтениот пазар и глобалната економија во нормала може да трае со години.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека мирот со Иран е „на дофат“ и дека Ормутскиот Теснец наскоро повторно ќе биде отворен за меѓународен поморски сообраќај. Но, по повеќемесечните лажни најави за прекин на конфликтот, светските пазари остануваат претпазливи и чекаат конкретни докази за договор со Техеран.

Во анализа на CNN се наведува дека, иако Иран воено е послаб од западната коалиција, токму контролата врз Ормутскиот Теснец била неговиот најсилен адут. Со брзи чамци, мини и беспилотни летала, Техеран значително го ограничил движењето на танкерите, што доведе до сериозни нарушувања на глобалното снабдување со нафта.

Враќањето во нормала ќе биде бавно и скапо

Експертите предупредуваат дека дури и ако теснецот биде повторно отворен, процесот на нормализација ќе биде долг и комплексен. Првиот проблем е огромниот метеж во Персискиот Залив. Според аналитичарите, околу 166 танкери со приближно 170 милиони барели нафта останале блокирани во регионот. Пред нови бродови да влезат и да започне редовен транспорт, потребно е да се расчисти постоечкиот застој.

Потоа следува празнење на складиштата со нафта кои се преполниле за време на кризата, бидејќи производителите немале каде да ја пласираат суровата нафта. Дополнителен предизвик е повторното активирање на нафтените бушотини на Блискиот Исток. Инженерите предупредуваат дека производството не може едноставно да се вклучи „со едно копче“, туку бара внимателно балансирање на притисокот, водата и гасот во нафтените полиња за да се избегнат трајни оштетувања.

Во меѓувреме, голем дел од инфраструктурата – рафинерии, гасни постројки и транспортни капацитети – е оштетена во конфликтот, а поправките би можеле да траат со години.

Пазарите не му веруваат целосно на мирот

Иако се зборува за мировен договор, трговците со нафта остануваат внимателни поради претходните неуспешни примирја. Во април, Иран накратко се согласи да го отвори теснецот, но само неколку часа подоцна повторно ги обвини САД и Израел за прекршување на договорот и продолжи со нападите врз бродови.

Дополнителна неизвесност создава и прашањето дали Иран навистина ќе се откаже од контролата врз поморскиот сообраќај, како и дали Вашингтон ќе ја укине блокадата на иранската нафта – услов што Техеран го поставува како дел од мировниот процес.

Осигурителните компании веќе ги зголемија цените за поморско осигурување за илјадници проценти, а многу бродски компании сè уште не се подготвени да ризикуваат пловидба низ регионот.

Цените на нафтата остануваат високи

И покрај оптимистичките изјави, цената на нафтата и натаму е висока. Суровата нафта „брент“ во петокот се тргуваше за повеќе од 100 долари по барел, а аналитичарите проценуваат дека цените тешко ќе се вратат на нивото пред војната. Според прогнозите на JPMorgan, доколку Ормутскиот Теснец биде отворен во јуни, просечната цена на нафтата до крајот на годината би можела да изнесува околу 97 долари по барел.

Иранската државна агенција „Фарс“ дополнително ја намали надежта за брза нормализација, порачувајќи дека дозволувањето поголем број бродови „не значи враќање на целосно слободен премин како пред војната“.Поради тоа, аналитичарите предупредуваат дека светската економија уште долго ќе ги чувствува последиците од кризата на Блискиот Исток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс