Министерството за здравство предупредува – не пијте вода од водоводот ниту по превривање!

Во изминатите 24 часа се извршени повеќе од 350 прегледи, три лица се хоспитализирани, а надлежните денеска треба да одлучат дали ќе биде прогласена епидемија.

Министерството за здравство соопшти дека здравствените институции продолжуваат со интензивно следење на епидемиолошката состојба во Гостивар, каде во краток период е регистриран значително зголемен број лица со симптоми на гастроентероколит. Според податоците, во периодот од 18 јули во 08:00 часот до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар се извршени:

  • 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани;
  • 140 прегледи на Педијатриското одделение, од кои 105 нови и 35 контролни;
  • девет прегледи во Ургентниот центар.

Од Министерството наведуваат дека кај најголемиот дел од пациентите клиничката слика е лесна, но поради големиот број заболени во краток временски период, состојбата и понатаму се третира како активен епидемиски настан.

Во тек се епидемиолошки истражувања, лабораториски анализи на примероци од пациентите и испитување на водата од градскиот водовод за да се утврди можниот извор на заразата. Во истрагата се вклучени Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје Тетово, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и други надлежни институции.

Досега се обработуваат околу 140 пријави за заразна болест, а Центарот за јавно здравје Тетово во текот на денот треба да донесе одлука дали официјално ќе биде прогласена епидемија.

Водата и понатаму не смее да се користи

Надлежните повторно апелираат водата од градскиот водовод да не се користи за пиење, ниту по превривање, сè додека официјално не биде укината забраната. Граѓаните се советуваат за пиење, подготовка на храна, миење овошје и зеленчук, подготовка на кафе, чај, сокови, мраз и храна за доенчиња да користат исклучиво фабрички пакувана (флаширана) вода.

Исто така, за миење заби се препорачува исклучиво безбедна вода, а при туширање и капење да се внимава водата да не се голта.

Апел до граѓаните

Министерството и Институтот за јавно здравје ги повикуваат граѓаните веднаш да побараат лекарска помош доколку имаат дијареја, повраќање, стомачни грчеви, покачена температура или знаци на дехидратација, особено кога станува збор за доенчиња, мали деца, бремени жени, постари лица и хронично болни.

Надлежните најавуваат дека јавноста ќе биде редовно информирана за резултатите од лабораториските анализи, бројот на заболени и за сите дополнителни мерки што ќе бидат преземени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс