Двојно повисоки плати преку ноќ: Црна Гора воведува минималец од 1.000 евра

Со укинување на пензиските придонеси и драстичен скок на гарантираните примања, државата најавува историско зголемување на стандардот, но експертите стравуваат за опстанокот на малите бизниси.

Владата на премиерот Милојко Спајиќ најави драстични економски промени од јануари 2027 година. Според новиот „Евро модел“, минималната плата во Црна Гора ќе изнесува дури 1.000 евра за работните места кои бараат само основно образование, што претставува скок од сегашните 600 евра. Овој потег, кој ќе опфати повеќе од 250.000 вработени, носи огромна радост за работниците, но отвора сериозни прашања за издржливоста на малите бизниси и потенцијалните инфлаторни шокови.

Кој колку ќе добива со новиот модел?

Според сетот закони кои треба да овозможат примена на третата фаза од програмата за економски реформи (по „Европа сега 1 и 2“), предвидени се три нивоа на минимални примања во зависност од стручната подготовка. За работните места со средно образование, платата ќе се зголеми од 600 на 1.250 евра, додека за позициите со високо образование, минималецот ќе скокне од 800 на 1.400 евра.

Како што пренесува порталот „Банкар.ме“, државата планира да ги укине придонесите за пензиско осигурување од 10 проценти, откако претходно во 2022 година го стори истото со здравственото осигурување. Државата очекува работодавачите да го пренесат ова ослободување директно во нето платата на работниците. Според „Подгорички Вијести“, Владата најавила и промени во корпоративниот данок, при што се укинува стапката од 12 проценти за профит меѓу 100.000 и 1,5 милиони евра, па овие бизниси сега ќе плаќаат данок од 15 проценти.

Децениски скок: Од 499 до над 1.000 евра

Анализирајќи како се движи минималната плата во Црна Гора и просечните примања, податоците на црногорскиот завод за статистика МОНСТАТ покажуваат историски раст. Во 2016 година, просечната нето плата изнесувала само 499 евра, додека во јули 2026 година таа достигнала 1.037 евра. Иако граѓаните се соочија со кумулативна инфлација од околу 42 проценти во овој период, пресметките покажуваат дека реалната куповна моќ сепак пораснала за околу 43 проценти во споредба со пред десет години.

Страв од инфлација и притисок врз работодавачите

Додека Владата очекува наглото зголемување на платите да донесе поголем промет во трговијата и повисоки приходи од ДДВ, бизнис секторот е загрижен. Синдикатот на работодавачи веќе побарал итна средба со премиерот Спајиќ. Упатените предупредуваат дека заштедата од 60 евра (преку укинување на пензискиот придонес на сегашниот минималец од 600 евра) не им помага многу на работодавачите кои од Нова Година ќе мора да исплатат 400 до 600 евра повеќе по работник. Најголемата непозната е како малите бизниси ќе го издржат овој финансиски товар.

Мислењата на аналитичарите се поделени. Економскиот експерт Предраг Зечевиќ за РТЦГ оценил дека повисоките приходи би ја стимулирале потрошувачката и би започнале нов економски циклус. Од друга страна, извршната директорка на Акцијата за социјална правда, Инес Мрдовиќ, предупредува дека државата мора да спречи вештачко зголемување на цените, за платите да не бидат „изедени“ од трговските маржи. Економистите, исто така, потсетуваат на ефектот по првата фаза на програмата во 2022 година, по која следеше инфлација од 17 проценти, пренесува „Данас“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс