Највисока минимална плата во Европа има Луксембург, Северна Македонија пред Бугарија

Новите податоци на Евростат покажуваат големи разлики во минималните плати низ Европа, а рангирањето значително се менува кога ќе се земе предвид куповната моќ.

Луксембург и понатаму има највисока бруто минимална месечна плата во Европа – 2.771 евро, покажуваат најновите податоци на Евростат за втората половина од 2026 година. На спротивниот крај од листата е Украина со 169 евра, додека во Европската Унија најниската минимална плата е во Бугарија и изнесува 620 евра.

Меѓу земјите со највисоки минимални плати се Ирска, Германија, Холандија и Белгија, каде минималецот надминува 2.000 евра месечно. Хрватска се наоѓа во средината на рангирањето со минимална бруто плата од 1.050 евра.

Интересно е што неколку земји кандидати за членство во ЕУ имаат повисока минимална плата од Бугарија. Северна Македонија е меѓу нив со 624 евра, пред Турција со 621 евро, додека Црна Гора и Србија имаат уште повисоки износи.

Кога наместо номиналниот износ се споредува куповната моќ, редоследот значително се менува. Германија е прва според реалната вредност на минималната плата, пред Луксембург и Холандија. Северна Македонија и Србија, според куповната моќ, ги надминуваат неколку земји членки на Европската Унија.

Евростат наведува дека само осум од 29 анализирани европски држави ја зголемиле минималната плата во периодот од јануари до јули 2026 година. Најголемо номинално зголемување е регистрирано во Северна Македонија – 6,9 проценти, пред Романија и Естонија.

Во останатите земји минималната плата останала непроменета, а инфлацијата дополнително ја намалила реалната куповна моќ на работниците. Пет земји од Европската Унија – Италија, Данска, Шведска, Австрија и Финска – и натаму немаат законски утврдена минимална плата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс