Во Одеса, Тексас, милиони фотоволтаици секојдневно завршуваат во депоата за рециклирање. Нивниот век на траење иако е завршен тоа не значи дека тие немаат вредност. Компаниите кои се занимаваат со рециклирање на ваков вид на материјали објаснуваат дека фотоволтаичните панели содржат метали кои имаат пазарна вредност. Тие ги одвојуваат панелите од алуминиумските рамки и електричните кутии, а потоа ги ставаат во машини кои го одвојуваат стакло од ламинираните материјали кои помогнале да се генерира електрична енергија од сончева светлина.
По грубиот дел на рециклирање следува фаза со која панелите се сечат и мелат, при што се извлекуваат металите кои имаат пазарна вредност. Во најголем дел тоа се сребро, бакар и кристален силициум. Според експертите од компаниите кои се занимаваат со оваа дејност остатокот како алуминиум и стакло повторно се преработуваат и стануваат составен дел од новите генерации на соларни панели.

Брзиот развој на технологијата за производство на соларни панели отвора можност 90 проценти од панелите во САД, кои ја изгубиле својата ефикасност, да се рециклираат. На тој начин не само што се зачувува природата туку се отвора можност за отворање на новите компании кои работат со рециклирање на вакви материјали. Иницијаторите за рециклирање во САД сметаат дека на тој начин се зголемува реупотребата на вредни материјали, како сребро и бакар, а се зајакнува и економијата.
Според извештајот од 2021 година на Националната лабораторија за обновлива енергија (NREL), рециклирањето на соларни панели исто така може да го намали ризикот од испуштање на токсични материи во животната средина. Покрај другото, наведуваат дека така ќе дојде до зголемување на стабилноста на количини од материјали за производство на соларни панели, што сега во голем дел зависи од увозот од Југоисточна Азија. Сето тоа ќе резултира со намалување на цената на суровините за соларни и други видови панели, а и ќе ги прошири можностите на американскиот пазар за рециклатори.

Искористувањето на сончевата енергија во САД се очекува да расте во просек за 21 процент на годишно ниво од 2023 до 2027 година, според најновиот квартален извештај на Здружението за индустрија за соларна енергија (SEIA) и консултантската фирма Вуд Мекензи. Тие очекуваат ваквото нагло зголемување да биде помогнато и преку Закон за намалување на инфлацијата од 2022 година. На тој начин, меѓу другите поддршка за обновливите извори на енергија, ќе обезбеди даночен кредит од 30 проценти за инсталации на соларни системи на станбени објекти.

За посликовит приказ на важноста за рециклирање на соларните панели од компаниите кои се занимаваат со ова потенцираат дека за рециклирање на алуминиум се троши 95 проценти помалку енергија од производството на чист алуминиум. До таквите резултати дошле со пресметка на трошоците за ископување на суровината, бокситот, а потоа транспортот и рафинирањето на истите. Компанијата која се занимава со рециклирање на соларни панели проценува дека на тој начин од секој панел се намалува количеството на штетни гасови од 97 килограми CO2.