Научниците за првпат потврдија дека честичките микропластика и нанопластика можат да ја поминат плацентарната бариера и да влијаат врз производството на стероидни хормони за време на бременоста. Истражувањето, предводено од д-р Јеске ван Боксел и објавено во списанието Molecular and Cellular Endocrinology, користи лабораториски тројни клеточни модели за да прикаже како пластичните фрагменти од секојдневните материјали навлегуваат до ткивата на фетусот.
За да сфатат како пластиката влијае врз зачетокот, истражувачите создадоа тридимензионален модел во лабораторија. Првиот слој го сочинуваат плацентарни клетки, вториот е составен од клетки извлечени од вената на папочната врвца, додека третиот слој ги претставува клетките на надбубрежната жлезда на фетусот. На овој начин е пресоздадена физичката бариера меѓу мајката и бебето, како и еден од главните органи одговорни за хормонскиот развој.
Научниците тестираа неколку раширени видови пластика, меѓу кои полиметил метакрилат (PMMA), PET од шишиња за пијалаци, PVC од цевки и полистирен од амбалажи. Сите испитани материјали успеале да се префрлат од мајчината на феталната страна. Помалите честички преминувале значително полесно, а кај PMMA бил забележан најголем пренос од околу 11 проценти по три дена. Со помош на напредна 3Д микроскопија, тимот уврди дека честичките не само што пливаат околу ткивото, туку директно влегуваат внатре во самите клетки.
Присуството на пластиката предизвикало видливи промени во хормонскиот систем. Полистиренот довел до намалување на нивото на естроген и ја намалил експресијата на генот CYP17, кој е од витално значење за синтезата на стероидните хормони. Повеќето од останатите пластични честички го намалиле нивото на етиохоланолон, хормон кој испраќа клучни сигнали до фетусот во развој.
Иако авторите нагласуваат дека лабораторискиот модел не значи автоматски дека овие честички предизвикуваат директно оштетување во секоја бременост, откритието ја истакнува потребата од подлабоко проучување. Досегашните научни проверки веќе пронајдоа микропластика во човечката крв, плодовата вода, папочната врвца и во првата столица кај новороденчињата. Бидејќи во најраните фази од бременоста се формираат основните органски системи, секое хормонско поместување може да има долгорочни последици врз здравјето.