Трагедија во Венецуела: Три жртви во големите поплави по поројните дождови

Поројните врнежи предизвикаа излевање на реките во државата Арагва, каде што спасувачките екипи трагаат по исчезнати лица меѓу урнатините.

Најмалку три лица загинаа во Венецуела откако обилните и поројни дождови предизвикаа катастрофални поплави и свлечишта во северниот дел од земјата. Најтешко е погодена сојузната држава Арагва, каде што водената стихија носеше возила, поплави домови и ги уништи локалните сообраќајници. Спасувачките служби се на терен и го пребаруваат теренот за евентуални дополнителни жртви, додека властите предупредуваат дека временските неприлики со интензивни врнежи ќе продолжат.

Поројните дожи кои непрекинато паѓаа неколку часа го прелија капацитетот на локалните речни корита во регионот Ла Викторија. Очевидци и локални медиуми известуваат дека реката брзо го пробила коритото, носејќи со себе кал, дрвја и шут што директно завршија на градските улици.

Граѓаните останаа затекнати од брзината со која водата влегуваше во нивните домови и деловни објекти. Повеќе населби во државата Арагва останаа без струја и со прекинати телефонски линии.

Официјалните претставници потврдија дека во акцијата за спасување се вклучени припадници на цивилната заштита, пожарникари и воени единици. Голем дел од патиштата во регионот се целосно блокирани од нанос на кал и паднати карпи, што го отежнува пристапот на механизацијата до пооддалечените рурални средини.

Властите во Венецуела соопштија дека веќе се организираат привремени собирни центри за загрозените семејства чии домови се уништени или небезбедни за живеење.

Метеоролошките служби во земјата најавуваат дека нестабилното време со можност за нови поројни дождови ќе се задржи и во наредните денови. Владата апелираше до населението во ризичните и брдско-планинските подрачја да следи официјални упатства за евакуација доколку нивото на водите продолжи да расте.

е-Трн да боцка во твојот инбокс