Најмалку две лица загинаа, а стотици жители и туристи беа евакуирани во бранот силни пожари што во неделата ја зафатија Грција. Најкритична беше состојбата на островот Саламина каде што има жртви, како и во туристичкото место Сивири на Халкидики. Поради блокираните патишта и брзото ширење на пламенот, спасувачките екипи беа принудени евакуацијата да ја спроведуваат по море, со помош на чамци и бродови.
Пожарот на островот Саламина, западно од Атина, избувна во шумски предел, но брзо се прошири кон населените места. Во стихијата загинаа две лица, а неколкумина беа повредени. Властите веднаш наредија евакуација на повеќе од 500 луѓе, додека крајбрежната стража и приватни пловила беа ставени во приправност за евентуално извлекување на населението по потег на морската линија.
Во гаснењето на огнот на Саламина беа ангажирани околу 200 пожарникари со десетици противпожарни возила, авиони и хеликоптери, како и голем број доброволци. Работата на терен беше екстремно отежната поради силните ветрови кои постојано ги менуваат правците на движење на огнот.
Паралелно со кризата на островот, огнена стихија го зафати и познатото туристичко место Сивири на Халкидики. Заради густиот чад и огнот што се приближи до сообраќајниците, се создаде сообраќаен метеж, па копнениот пат за заминување беше оневозможен.
Околу 500 туристи и локални жители беа пренесени на безбедно со помош на чамци и бродови. Овој инцидент предизвика паника кај посетителите, но спасувачките тимови успеаја навреме да го организираат поморскиот транспорт.
Новите пожари се дел од поголемиот бран што ја зафати Јужна и Источна Европа овој август. Високите температури, долготрајната суша и сувата вегетација создадоа услови за брзо разгорување дури и при најмала искра. Грчките надлежни служби за заштита и спасување издадоа предупредувања за висок ризик од пожари за повеќе региони и ги апелираат граѓаните на максимална внимателност.