Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска на самитот на Берлинскиот процес во Будва ја потврди поддршката за членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, но порача дека владите во регионот мора да покажат политичка волја и да ги спроведат потребните реформи.
Мерц се заложи за побрзо приближување на регионот кон Унијата и најави лична поддршка за тој процес. Истовремено, побара засилување на реформските напори на земјите што се стремат кон членство.
Во обраќањето се осврна и на протестите во регионот и во европските земји, оценувајќи дека тие испраќаат јасна порака до политичките лидери: проширувањето треба да продолжи, а граѓаните мора да почувствуваат конкретна корист од него.
Германскиот канцелар предупреди и на опасноста од насилство и продлабочување на општествените поделби.
„Насилството никогаш не смее да биде опција за ниту една страна“, рече Мерц, додавајќи дека реториката што ги дели луѓето и растечката поларизација нема да придонесат за побезбедна, послободна и попросперитетна Европа.
Самитот се одржува во Милочер, кај Будва, со учество на лидерите од Западен Балкан и европските партнери. Во фокусот на годинешната средба се економскиот раст, конкурентноста и безбедноста, како и регионалната соработка и приближувањето кон ЕУ.
Берлинскиот процес е воспоставен во 2014 година како платформа за соработка меѓу Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија со европските партнери. Со денешниот самит завршува годинешното црногорско претседавање со иницијативата.
