Од хоби до маслинови насади во Валандовско: Приказната за македонското масло „Терзели“

Амбицијата на компанијата е маслото Терезли од овој регион да стигне до потрошувачите и на домашниот и на меѓународниот пазар

Во валандовското поднебје, каде што маслинката постепено добива место во домашното земјоделство, се развива приказната за „Терзели“ — македонско екстра девствено маслиново масло. Зад брендот стои компанијата „Биоботаника“, чиј сопственик Милан Ивановски вели дека проектот почнал како хоби, а прераснал во долгорочна инвестиција во производство со додадена вредност.

Според податоците на производителот, насадите се наоѓаат во Пирава, Валандовско, и зафаќаат шест хектари. На нив се одгледуваат сортите „олијана“, „арбекина“ и „лечијана“, а бербата вообичаено е кон крајот на октомври. Амбицијата на компанијата е маслото од овој регион да стигне до потрошувачите и на домашниот и на меѓународниот пазар.

Ивановски посочи дека вложувањата опфаќаат современа технологија, специјализирана механизација и соработка со стручни лица. Според компанијата, организацијата на производството овозможува маслинките да се преработуваат набргу по бербата, со цел да се зачуваат својствата на плодот.

Ивановски оцени дека иднината на македонското земјоделство треба да се бара и во преработката и создавањето препознатливи производи, наместо да се остане само на продажба на примарни земјоделски суровини. Вложувањата во „Терзели“, според него, се направени со долгорочна перспектива.


Производителот го опишува маслото со ароми на зелена маслинка и свежо косена трева, со вкус во кој се комбинираат сладост, горчина и пикантност. Како предлози за употреба ги наведува салатите, зеленчукот, свежо печениот леб, рибата и белото месо.

е-Трн да боцка во твојот инбокс