Од партнери до конкуренти: „Microsoft“ започнува нова битка за доминација во AI

„Microsoft“ подготвува поагресивна стратегија во трката за вештачка интелигенција, со директни споредби со OpenAI, Google и Anthropic и поголем фокус на сопствените AI модели.

„Microsoft“ подготвува поагресивен настап во глобалната трка за вештачка интелигенција, а според информации од „Bloomberg“, компанијата на интерен состанок им претставила на своите продажни тимови стратегија со која директно ќе ги споредува и критикува решенијата на конкурентите, меѓу кои се OpenAI, Google и Anthropic.

На состанокот посветен на новата фискална година, раководството на компанијата ја истакнало предноста на сопствениот екосистем, со порака дека „Microsoft“ не нуди само поединечни AI алатки, туку целосно интегрирано решение за корисниците.

Извршниот потпретседател на компанијата, Џеј Парих, според извештаите, им порачал на вработените дека клучната продажна порака во фискалната 2027 година ќе биде дека „Microsoft“ обезбедува комплетно решение „од почеток до крај“. Во рамките на презентацијата, раководителот задолжен за Copilot, Џејкоб Андреу, направил директна споредба меѓу производот на Microsoft и четботот Claude на компанијата Anthropic.

Според наводите, тој тврдел дека конкурентското решение е побавно, помалку прецизно и нема доволно безбедносни интеграции со канцеларискиот пакет на Microsoft, како што се Word, Excel и останатите алатки.

Од милијарди инвестиции до нова конкуренција

Новиот пристап претставува голема промена во односите меѓу Microsoft и OpenAI. Двете компании со години беа тесни партнери. Microsoft инвестираше милијарди долари во OpenAI и обезбедуваше значителна компјутерска инфраструктура за развој на нејзините модели, а за возврат доби ексклузивен пристап до дел од технологијата.

Сепак, односите почнаа да се менуваат откако во април годинава беше укината клаузулата за ексклузивност, со што OpenAI доби можност своите услуги да ги нуди и на други компании, вклучително и потенцијални конкуренти на Microsoft.

Во меѓувреме, според претходни информации, Microsoft започнал постепено да ги намалува зависностите од моделите на OpenAI и Anthropic во дел од своите производи, вклучително и во популарните апликации како Word и Excel, со цел да ги намали трошоците и да развива сопствени решенија.

Битка за иднината на вештачката интелигенција

Аналитичарите оценуваат дека новата стратегија е дел од пошироката борба за доминација на пазарот на вештачка интелигенција. Microsoft сака да ја искористи својата огромна база на корисници, инфраструктурата во облак преку Azure и интеграцијата со деловните алатки за да се позиционира како лидер во AI секторот.

Истовремено, OpenAI, Google и Anthropic продолжуваат да развиваат сопствени модели и платформи, што ја претвора трката за вештачка интелигенција во една од најголемите технолошки пресметки во последните години.

Она што започна како стратешко партнерство меѓу Microsoft и OpenAI, сè повеќе личи на борба меѓу компании кои сакаат да ја контролираат следната голема ера во технологијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс