Мерцедес ги предупреди работниците: „Без намалување на трошоците, може да затвориме погони“

Германскиот автомобилски гигант бара договор за намалување на трошоците и поголема продуктивност, додека десетици илјади работници протестираат за сигурност на работните места.

Мерцедес-Бенц предупреди дека би можел да затвори два производствени погони во Германија доколку не постигне договор со работниците за мерки за намалување на трошоците. Пораката до вработените ја упатил членот на управниот одбор задолжен за производство, Михаел Шибе, на собир во Синделфинген, во близина на Штутгарт. Компанијата ја потврди неговата изјава.

„Нашата јасна цел е да ги задржиме сите локации во Германија. Но, за да го постигнеме тоа, мора да се договориме за мерки за намалување на трошоците кои се прифатливи за сите“, изјавил Шибе.

Според него, доколку не биде постигнат договор, компанијата би можела да биде принудена да затвори еден погон за производство на каросерии и еден погон за производство на погонски системи.

Мерцедес бара поголема продуктивност

Предупредувањето доаѓа во период кога германската автомобилска индустрија се соочува со силен притисок врз трошоците и конкурентноста. Мерцедес има погони за склопување автомобили во Синделфинген, Раштaт и Бремен, додека компоненти и погонски системи се произведуваат на уште седум локации низ Германија, меѓу кои Берлин, Хамбург и Унтертиркхајм.

Како дел од мерките за намалување на трошоците, компанијата започна таканаречена „офанзива за продуктивност“.

Меѓу предлозите на управата е и работниците во германските фабрики во иднина да работат повеќе часови без зголемување на платата. Токму ова прашање отвора нов судир меѓу менаџментот и синдикатите, во момент кога автомобилската индустрија во Германија се обидува да ги намали трошоците и да ја задржи конкурентноста.

175.000 работници излегоа на протести

Предупредувањето на Мерцедес пристигна истиот ден кога низ Германија се одржаа големи работнички протести во автомобилскиот сектор. Според податоците на синдикатот ИГ Метал, околу 175.000 работници протестирале на 280 локации низ земјата.

Протести имало, меѓу другото, во Штутгарт, Волфсбург, Инголштад и Минхен, а работниците барале поголема сигурност за своите работни места од водечките производители, меѓу кои Фолксваген и Мерцедес-Бенц.

Судирот околу платите, работното време и трошоците се случува во период на големи промени во германската автомобилска индустрија, која истовремено се соочува со транзицијата кон електрични возила, силна конкуренција од кинеските производители и притисок за намалување на производните трошоци.

За Мерцедес, прашањето сега е како да ги задржи производствените капацитети во Германија, а истовремено да ја намали цената на производството.

Мета опис:

е-Трн да боцка во твојот инбокс