Германскиот канцелар Фридрих Мерц изрази оптимизам по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп на самитот на Г7, оценувајќи дека постои нова можност за напредок во мировните напори за Украина.
Мерц изјави дека охрабрувачка е пораката на Трамп дека „Русија мора да ја заврши оваа војна“, што, според него, претставува јасен сигнал за заеднички пристап меѓу Европа и САД. Тој откри дека со Трамп разговарале за следните чекори во поддршката на Украина, како и за можни нови санкции кон Москва. Според германскиот канцелар, постои согласност за продолжување на помошта за Киев и за зголемување на притисокот врз Русија со цел таа да седне на преговарачка маса.
„За првпат се отвора реална шанса за мир“, изјави Мерц, додавајќи дека Трамп внимателно ги слушал аргументите на европските лидери и покажал одговорен пристап кон разговорите.
Мерц оцени дека Русија не може да ја добие војната по воен пат, додека нејзината економија сѐ повеќе ги чувствува последиците од санкциите и воените трошоци. Според него, токму тоа може да создаде услови за дипломатско решение на конфликтот.