Медикаментозен прекин на бременост: Како функционира таблетата и кога се применува?

Медикаментозниот прекин на бременост е медицинска процедура со две фази и исклучиво лекарски надзор. Еве како функционира и кога се применува оваа метода.

Медикаментозниот прекин на бременост е медицинска метода која се користи за прекин на веќе потврдена бременост во рана фаза, и се спроведува исклучиво под надзор на лекар. Често во јавноста се меша со „пилула за ден потоа“, но станува збор за две различни форми на медицинска интервенција.

„Пилулата за ден потоа“ се користи како итна контрацепција за да се спречи бременост по незаштитен однос, додека медикаментозниот прекин се применува кога бременоста веќе е утврдена со гинеколошки преглед и ултразвук.

Како функционира процедурата и што треба да се знае

Методата најчесто вклучува примена на два лека во различни фази. Првиот лек го запира понатамошниот развој на бременоста, додека вториот предизвикува контракции на матката и исфрлање на ткивото. Процесот обично е проследен со грчеви и крварење, кои можат да бидат поинтензивни од вообичаена менструација. Пред примена, задолжително се прави гинеколошки преглед за да се утврди траењето и локацијата на бременоста, како и да се процени дали постојат медицински ризици. По завршување на процедурата следи контрола за да се потврди дека прекинот е целосен.

Стручњаците предупредуваат дека лековите не смеат да се користат на своја рака и да се набавуваат од неофицијални извори, бидејќи тоа може да доведе до сериозни компликации. Најважно кај оваа медицинска постапка е одлуката да се донесе со точни информации, во консултација со гинеколог и во рамки на важечките здравствени препораки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс