Маврово повторно во тениски ритам: Дојдете на Mavrovo Open 2026!

Од 28 август до 13 септември, тениското игралиште во Маврови Анови ќе биде место за спорт, навивање, дружење и забава за целото семејство.

Одбројувањето започна. Второто издание на Mavrovo Open е пред нас, а Маврово повторно се подготвува да ги собере љубителите на тенисот, природата и добрата дружба.

Од 28 август до 13 септември 2026 година, на тениското игралиште во Маврови Анови ќе се одиграат натпреварите од хуманитарниот аматерски тениски турнир, кој за само една година прерасна во многу повеќе од спортски настан.

Организаторите ги повикуваат граѓаните, посетителите на Маврово, семејствата и спортските ентузијасти да дојдат покрај теренот, да ги поддржат учесниците и да уживаат во единствената атмосфера што ја спојува тениската игра со природата на Маврово.

Тенис покрај езерото и програма за целото семејство

Годинашното издание носи поголем број учесници, вредни награди и збогатена програма покрај тениските натпревари. Најавени се и нови активности за деца и семејства, со што Mavrovo Open станува одлична можност за заеднички летен викенд на планина.

Посетителите ќе можат одблиску да ги следат возбудливите мечеви, да навиваат за своите фаворити и да поминат квалитетно време на една од најубавите спортски локации во земјата – покрај Мавровското Езеро и опкружена со шума.

За оние што нема да можат да бидат во Маврово, годинава е обезбеден и професионален пренос во живо на натпреварите. Македонски Телеком, како технолошки партнер на турнирот, ќе обезбеди и бесплатен стабилен интернет на целата локација.

Турнир што остава трајна вредност

Првото издание на Mavrovo Open собра 48 тенисери рекреативци, повеќе од 2.000 посетители и над 30 компании, институции и организации.

Маврово Опен е хуманитарен турнир кој, покрај спортот, во својот фокус ја има локалната заедница, а особено децата од училиштата во Маврово. Целта е спортот да биде достапен и да создава можности токму за локалните деца.

Оваа година, како дел од детската програма, ќе се реализира и тениски тренинг за децата од локалните училишта, со професионален тренер и професионална тениска опрема, на официјалното игралиште на турнирот. Програмата се реализира со поддршка од Европската Унија.

Организаторите веруваат дека овој јавен простор треба да живее и да се користи секојдневно, а предност секогаш да имаат децата. Зашто, нема голема смисла да имаме прекрасно тениско игралиште изградено по професионални стандарди, ако децата од општината немаат можност да го користат и да го запознаат тенисот како спорт.

Токму затоа, зад Маврово Опен стои поголема цел од самиот турнир – спортот да стане дел од секојдневието на локалните деца, а игралиштето да биде простор кој навистина ѝ припаѓа на заедницата.

Бидете дел од атмосферата

Понесете го навивачкиот дух, поканете ги пријателите и семејството и дојдете во Маврово. Поддржете ги тенисерите, уживајте во природата и бидете дел од приказната која го врати Маврово на спортската мапа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс