Мароко го запре Бразил: Винисиус спасуваше бод, Саибари блесна на стартот на Мундијалот

Мароко приреди изненадување на стартот на Светското првенство 2026 и освои бод против Бразил. Саибари погоди за водство, а Винисиус Жуниор донесе реми за „кариоките“.

Фудбалските репрезентации на Бразил и Мароко одиграа нерешено 1:1 во Њу Џерси, во еден од најинтересните натпревари од првото коло на Светското првенство 2026.

Мароканците први зададоа удар и поведоа во 21. минута. По одличната асистенција на Брахим Дијаз, прецизен беше Исмаел Саибари, кој уште еднаш покажа зошто е еден од најбараните играчи во Европа.

Сепак, фаворизираниот Бразил брзо одговори. Во 32. минута, ѕвездата на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, со одлична соло-акција го совлада противничкиот голман и ги постави конечните 1:1.

Во второто полувреме Бразил имаше неколку шанси за пресврт, а најблиску до погодок беше Игор Тиаго, чиј удар со глава во 52. минута беше запрен од сигурниот Јасин Боно.

Иако Бразил важеше за голем фаворит, Мароко остави одличен впечаток и во поголем дел од натпреварот беше рамноправен, а во одредени моменти и подобар ривал на теренот.

Во следното коло Бразил ќе игра против Хаити, додека Мароко ќе се соочи со Шкотска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс