Манчестер Сити потроши рекордни 526 милиони евра во летниот преоден рок, правејќи целосен пресврт во составот по крајот на десетгодишната ера на Пеп Гвардиола. На клупата седна неговиот поранешен помошник Енцо Мареска, кој доби речиси целосно нов играчки кадар. Раководството на англискиот шампион доведе девет нови фудбалери, насочувајќи го најголемиот дел од буџетот кон средниот ред откако клубот го напуштија долгогодишните носители на играта.
Фокусот на пазарот падна врз реконструкција на маневарскиот простор. Енцо Фернандез, Елиот Андерсон и Ајуб Буади заедно го чинеа клубот 375 милиони евра.
Фернандез пристигна од Челси за 145 милиони евра и стана најскапото поединечно засилување летово. За Андерсон беа платени 135 милиони евра на Нотингем Форест, додека 18-годишниот Буади дојде од француски Лил за обесштетување од 95 милиони евра.
Тројцата нови фудбалери ќе ги преземат улогите на досегашните двигатели на играта. Мареска на овие позиции веќе ги испробуваше и Марк Геи и Нико О’Рајли, додека во ротацијата остана и хрватскиот интернационалец Матео Ковачиќ.
Трансферниот прозорец значеше крај за генерацијата што доминираше во Премиер лигата. Сити остана без Родри, Бернардо Силва и Џон Стоунс. „Итихад“ го напуштија и Тиџани Рајндерс, Савињо, Нико Гонзалез, Нејтан Аке, Мануел Аканџи и голманот Џејмс Трафорд, а Омар Мармуш замина на позајмица во Тотенхем.
Позицијата зад Ерлинг Халанд му припадна на Рајан Шерки, кому конкуренција ќе му биде Фил Фоден. Засилување добија и крилните позиции каде што покрај Жереми Доку и Антоан Семењо пристигна Илиман Ндиаје од Евертон за 70 милиони евра, како и Бразилецот Алан од Палмеирас за 37,5 милиони евра.
Англискиот клуб вложи и во тинејџери. Седумнаесетгодишното крило Џереми Монга дојде од Лестер и веднаш замина на позајмица во Свонси, а напаѓачот Матис Детубре од Троа беше отстапен на Монако.
Одбраната претрпе промени без да се купуваат скапи стопери. По заминувањето на Аке, Аканџи и Стоунс, дефанзивната линија се потпира врз Рубен Дијаш, Јошко Гвардиол, Марк Геи, Абдукодир Хусанов и Витор Реис. Бековските улоги ги делат Матеус Нуњес, Рико Луис, Рајан Аит-Нури и О’Рајли.
Меѓу стативите прв избор е Џанлуиџи Донарума, кој ги започна првите два сезонски натпревари. По продажбата на Трафорд во Лидс за 47 милиони евра, како резервна опција пристигна 34-годишниот Херонимо Руљи од Марсеј за 3,5 милиони евра. Младиот Пирс Чарлс беше купен од Шефилд Венздеј и испратен на калење во КПР.