Макрон започна историски пресврт: Франција првпат по 65 години го отвора нуклеарниот чадор за Европа

Емануел Макрон започна нова европска нуклеарна стратегија, а Норвешка стана дел од француското проширено нуклеарно одвраќање.

Норвешка официјално се приклучува кон француското проширено нуклеарно одвраќање, објави францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со норвешкиот премиер Јонас Гар Стере во Париз. Макрон оцени дека станува збор за „многу важен чекор“ кој ќе ја продлабочи безбедносната и стратешката соработка меѓу двете земји.

„Норвешка е географски и стратешки клучен партнер“, изјави Макрон, додавајќи дека Осло ќе има важна улога во новата европска безбедносна архитектура.

Со овој потег, Франција првпат по 65 години отвора можност нејзиниот нуклеарен арсенал да стане дел од поширок европски систем за одвраќање, независно од НАТО и американската поддршка. Макрон уште во март најави промена на француската нуклеарна доктрина, нудејќи им на европските сојузници поширока француска нуклеарна заштита. Говорот тогаш го одржа во поморската база Île Longue, која ја нарече „катедрала на францускиот суверенитет“.

Новиот концепт, наречен „предно одвраќање“, предвидува француските борбени авиони Dassault Rafale, способни да носат тактичко нуклеарно оружје, да ротираат низ европските бази и да учествуваат во заеднички воени вежби.

Целта не е Европа да создаде нуклеарен арсенал споредлив со оној на Русија, туку да создаде стратешка неизвесност за Москва во случај на напад врз европска држава. Промената доаѓа во време кога европските држави сè повеќе стравуваат од намалена американска посветеност кон европската безбедност поради ставовите на американскиот претседател Доналд Трамп, како и поради зачестените нуклеарни закани од рускиот претседател Владимир Путин.

Според британскиот весник The Telegraph, сè повеќе европски земји се подготвени да се приклучат на француската иницијатива. Меѓу нив се Полска, Германија, Обединетото Кралство, Шведска, Данска, Белгија и Холандија. Од друга страна, Шпанија и Италија засега не сакаат да учествуваат во иницијативата.

И покрај отворањето кон сојузниците, Париз јасно нагласува дека конечната одлука за употреба на француското нуклеарно оружје останува исклучиво во рацете на францускиот претседател. Франција располага со околу 290 нуклеарни боеви глави, додека Русија има повеќе од 5.400. Стратегијата на Макрон затоа не се базира на бројчена рамнотежа, туку на создавање неизвесност и способност за брз одговор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс