Македонското пиво најмногу се пие во Косово и Албанија, расте извозот

По ланскиот трговски дефицит, домашните пиварници за седум месеци извезоа повеќе пиво отколку во цела 2025 година.

Македонските пиварници во првите седум месеци од 2026 година остварија извоз од 5,63 милиони евра, со што домашната пиварска индустрија повторно влезе во трговски суфицит, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Најголем дел од пивото завршува кај соседите, при што Косово и Албанија апсорбираат речиси 93 отсто од вкупните пратки што заминуваат надвор од државата.

Според официјалните статистички податоци, од јануари до јули 2026 година од земјава се извезени 7.105.529 литри пиво. Оваа количина веќе го надмина вкупниот извоз реализиран во текот на целата 2025 година, кога беа пласирани 6,15 милиони литри со вредност од 4,3 милиони евра.

Од другата страна на трговскиот биланс, увозот во истиот седуммесечен период изнесува 3.080.359 литри во вредност од 2,13 милиони евра. Со ова, вредноста на извезеното пиво е за 2,6 пати поголема од увозот, правејќи пресврт во однос на минатата година кога увозот тежеше 12,6 милиони литри и создаде значителен дефицит.

Косово останува главен купувач на македонското пиво со учество од околу 70 отсто во вкупниот извоз, додека заедно со Албанија покрива речиси 93 проценти од пласманот. Просечната извозна цена на овие два пазари изнесува околу 0,70 евра за килограм.

Македонско пиво се пие и на подалечни дестинации, каде што се постигнуваат значително повисоки извозни цени: во Соединетите Американски Држави просечната цена достигнува 1,22 евра за килограм, во Швајцарија 1,03 евра, а во Австралија 0,92 евра за килограм, иако станува збор за драстично помали количини.

Кај увозот, речиси три четвртини од странското пиво доаѓа од пет држави: Полска, Србија, Романија, Грција и Германија. Најниски увозни цени бележат пратките од Полска (0,56 евра за литар) и Србија (0,59 евра за литар).

На спротивната страна се премиум брендовите. Најскапо увозно пиво на рафтовите доаѓа од Ирска со просечна цена од 2,1 евро за литар, по што следат Мексико со 1,64 евра и Словенија со 1,19 евра за литар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс