Македонскиот рубин ќе се заштити со закон

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најавува институционална заштита на минералот, но засега нема конкретен рок ниту утврден модел како би се спровела.

Поднаслов:

Македонскиот рубин треба да добие институционална заштита како дел од природното наследство на земјата, најави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Според неа, државата има обврска да го зачува минералот, но и да создаде услови за негово одржливо користење и поголема препознатливост.

Божиновска денеска се сретнала со претставници на Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и со претставници на компанијата „Деан Дира“. На средбата се разговарало за значењето и потеклото на македонскиот рубин, како и за можностите за негова заштита и промоција.

Од Министерството велат дека е потребно најпрво стручно да се дефинираат карактеристиките на рубинот, неговото геолошко потекло и да се разгледаат можните механизми за институционална заштита.

„Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство. Наша обврска е да го заштитиме, да го промовираме и да создадеме услови неговата вредност да биде препознаена и во земјата и надвор од неа“, изјавила Божиновска.

Од минерал до симбол на природното богатство?

На средбата било оценето дека соработката меѓу институциите, академската заедница и приватниот сектор може да придонесе за поголема препознатливост на минералот, но и за негово одговорно и одржливо искористување.

Македонскиот рубин е вариетет на корунд, а црвената до розово-црвена боја се поврзува со присуството на хром. Во изминатите години се користи и за изработка на накит и сувенири, па постепено се наметнува како минерал што се поврзува со земјата.

Сепак, најавата за заштита засега останува на ниво на иницијатива.

Од Министерството не соопштија конкретен рок во кој би се вовела заштитата, ниту прецизираа дали се разгледува посебен законски статус, режим на заштита или друг институционален модел.

Следниот чекор ќе биде стручната процена на минералот и утврдувањето како неговата заштита би можела да се спроведе во пракса.

е-Трн да боцка во твојот инбокс