Македонски студенти по архитектура учествуваат на реномираниот натпревар „Saint-Gobain Architecture Student Contest 2026“

Тројца студенти од Архитектонскиот факултет на УКИМ ќе ја претставуваат Северна Македонија на меѓународниот натпревар во Белград, каде учествуваат тимови од 34 земји со фокус на одржлива урбана трансформација.

Креативност, урбана визија и одржливи решенија за градовите на иднината се во фокусот на 21-то издание на меѓународниот студентски архитектонски натпревар „Saint-Gobain Architecture Student Contest 2026“, кој ќе се одржи во Белград од 23 до 25 јуни 2026 година.

Натпреварот, кој повеќе од две децении претставува една од најзначајните платформи за идните архитекти, инженери и дизајнери, им овозможува на студентите да работат на реални урбани теми со конкретно социјално и еколошко влијание.

Оваа година, со свој проект учествува и македонски тим од тројца студенти од Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје: Анастасија Мојсоска, Ана Звездакоска и Деспина Јулоска, под менторство на професор Михајло Зиноски.

Тие ќе се натпреваруваат со тимови од 34 земји, повеќе од 214 универзитети и над 1.360 учесници, што го прави натпреварот еден од најголемите студентски архитектонски предизвици во светот.

Фокусот на овогодинешниот конкурс е ревитализација на академскиот јахт-клуб на реката Сава во Белград, со акцент на неговата модернизација и одржлив развој. Проектната задача вклучува и дизајн на современ центар за спорт, рекреација и урбан живот, како и целосно урбанистичко уредување на околниот простор.

Целта е создавање функционална и естетски поврзана целина, која ќе ги поврзе старото и новото, ќе ги зголеми зелените површини и ќе го отвори просторот за пешаци и велосипедисти, во согласност со современите еколошки стандарди.

Професорот Михајло Зиноски истакнува дека учеството претставува значајна можност за студентите да ги развијат своите проектантски вештини и да работат на реални архитектонски предизвици што ги поврзуваат одржливоста и современиот начин на живот.

Натпреварот ќе додели три најдобри интегрирани решенија со вкупен награден фонд од 11.500 евра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс