Делегација составена од градоначалници и секретари од шест македонски општини од 15 до 18 јуни престојуваше во Хрватска на студиска посета посветена на развојот на граѓанските енергетски заедници. Во посетата учествуваа претставници на општините Битола, Кичево, Новаци, Демир Капија, Куманово и Вевчани.
Во текот на четиридневната програма, делегацијата ги посети Загреб, Пушќа, Забок, Крижевци и Риека, каде што се запозна со успешни примери за активно учество на граѓаните и локалните самоуправи во производството, споделувањето и управувањето со обновлива енергија.
Според организаторите, посетата била насочена кон размена на практични искуства кои можат да придонесат за спроведувањето на новиот Закон за енергетика и Националниот план за енергија и клима на локално ниво. Овие документи ги препознаваат граѓанските енергетски заедници како важен инструмент за забрзување на енергетската транзиција, зголемување на производството на обновлива енергија и намалување на трошоците за домаќинствата и јавните институции.
„Овие два стратешки документи ги препознаваат граѓанските енергетски заедници и активното учество на потрошувачите како важни механизми за забрзување на енергетската трансформација, зголемување на производството на обновлива енергија и намалување на трошоците за домаќинствата и јавните институции“, изјави Жарко Конески од Еко-свест.

За време на посетата, македонските претставници оствариле средби со претставници на локалните самоуправи во Пушќа, Забок и Крижевци, како и со претставници на енергетските заедници во Загреб и Северен Јадран во Риека. Делегацијата имала можност директно да ги посети проектите преку кои општините и граѓаните заеднички инвестираат и управуваат со производството на електрична енергија од обновливи извори.
Претставниците на хрватските организации нагласиле дека енергетската транзиција не значи само премин од фосилни кон обновливи извори на енергија, туку и создавање услови граѓаните и локалните заедници да станат активни учесници во енергетскиот систем.
„Така придобивките од производството на чиста енергија остануваат таму каде што се создаваат – во локалните заедници. Особено ни е драго што имавме можност да споделиме дел од нашите искуства со градоначалниците и претставниците на општините од Македонија“, изјави Горан Чачиќ, програмски раководител во Зелената енергетска задруга од Загреб.
Од Еко-свест посочуваат дека посетата покажала оти граѓанските енергетски заедници не се само успешна европска практика, туку и реална можност за Македонија. Со донесувањето на Законот за енергетика во 2025 година и мерките предвидени во Националниот план за енергија и клима, веќе постои законска основа за развој на вакви модели и во земјава.
Следниот предизвик, според учесниците, е нивно практично спроведување преку соработка меѓу општините, граѓаните, институциите и локалниот бизнис, со цел создавање поодржлив и поефикасен енергетски систем.
Студиската посета беше организирана од Еко-свест со поддршка на Фондацијата Хајнрих Бел и Шведска, а нејзина цел беше зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи и поттикнување нови иницијативи во областа на обновливите извори на енергија.