Радовиш го одбележа јубилејот на „Македонски бисер“ со силна меѓународна конкуренција

Јубилејното 50-то издание на турнирот „Македонски бисер“ во Радовиш собра натпреварувачи од 10 држави и ја потврди неговата позиција како еден од најзначајните боречки турнири во регионот. Титулата ја освои Омер Мемеди во категоријата до 92 килограми.

Радовиш изминатиот викенд беше центар на борењето, домаќин на јубилејното 50-то издание на Меѓународниот боречки турнир „Македонски бисер“. Настанот собра повеќе од 70 натпреварувачи од 10 држави, како и бројни спортски делегации и љубители на боречките спортови, потврдувајќи го статусот на турнирот како еден од најзначајните во регионот.

Турнирот го отвори министерот за спорт Борко Ристовски, со што официјално започна ден исполнет со натпревари и спортска атмосфера во знакот на големиот јубилеј.

Во силна меѓународна конкуренција, титулата „Македонски бисер“ ја освои Омер Мемеди, кој настапуваше во категоријата до 92 килограми. Организаторите истакнуваат дека борбите биле неизвесни и квалитетни, со високо ниво на спортска подготвеност кај учесниците.

Признанието за најдобар домашен борец му припадна на репрезентативецот Расул Шапиев во категоријата до 74 килограми, додека за најдобар странски борец беше прогласен Раду Лефтер од Молдавија, кој настапуваше во категоријата до 125 килограми.

Посебно внимание кај публиката привлекоа настапите на Мехмет Усинов, Реџеп Хајдари и Илија Атанасов, кои со своите борби дополнително ја потврдија конкурентноста и потенцијалот на македонското борење.

Во петдецениската историја на турнирот „Македонски бисер“ учествувале бројни европски, светски и олимписки медалисти, што го позиционира на мапата на најреномираните боречки натпревари во Југоисточна Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс