Македонската танцова претстава „АЈДЕ!“ вечерва на сцена во Загреб

Македонската танцова претстава „АЈДЕ!“, во кореографија на Игор Киров и Бојан Мицев, вечерва ќе биде изведена во Загрепскиот танцов центар како дел од културната програма на македонскиот КИЦ во Загреб.

На сцената на Загрепскиот танцов центар вечерва ќе биде изведена танцовата претстава „АЈДЕ!“, во кореографија на македонските уметници Игор Киров и Бојан Мицев, во продукција на Motion Network. Настанот е дел од годишната програма на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб.

Претставата е инспирирана од ромската култура и традиција и преку современ танцов израз обработува теми поврзани со љубовта, слободата, припадноста и општествените норми. Како инспирација е земен празникот Едерлези (Ѓурѓовден), кој симболизира радост, заедништво и нов почеток.

Гостувањето на „АЈДЕ!“ има за цел промоција на современото македонско уметничко творештво и зајакнување на културната соработка меѓу Македонија и Хрватска.

Продукцијата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Штип и ЕАМ Штип, а реализацијата на гостувањето се одвива во соработка со македонскиот КИЦ во Загреб, Motion Network и Загрепскиот танцов центар.

Изведбата започнува во 20 часот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс