Мрежата за заштита од дискриминација оцени дека Македонија станува „сè поопасно место за живеење за жените“, реагирајќи по последните случаи на фемицид и насилство врз жени што ја потресоа јавноста.
Во реакцијата, организацијата предупредува дека институциите не успеваат навремено и ефикасно да ги заштитат жртвите на родово базирано насилство, и покрај долгогодишните предупредувања од граѓанскиот сектор и меѓународните организации.
Од Мрежата посочуваат дека насилството врз жените не смее да се третира како изолиран инцидент, туку како сериозен општествен и институционален проблем кој бара координирана реакција од полицијата, обвинителството, судството и центрите за социјална работа.
Организацијата предупредува дека во многу случаи жртвите претходно пријавувале закани, вознемирување или насилство, но институционалната реакција била бавна или недоволна. Според нив, токму ваквите пропусти создаваат чувство на несигурност и недоверба кај жените кои се соочуваат со насилство.
„Фемицидот не е приватна трагедија, туку крајна последица на системско непостапување и толерирање на насилството“, наведуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Во Македонија последниве години сè погласно се бара воведување посебно кривично дело – фемицид, како и построги механизми за превенција и заштита на жртвите. Активистите сметаат дека институциите често реагираат дури по трагичен исход, наместо превентивно.
Според податоците на граѓанските организации, семејното и родово базираното насилство остануваат сериозен проблем во земјата, а голем број случаи не се пријавуваат поради страв, економска зависност или недоверба во системот.
Мрежата апелира до институциите итно да ги засилат механизмите за заштита, да обезбедат поголема поддршка за жртвите и конечно да воспостават ефикасен систем за превенција на насилството врз жените.