Македонија во Магдебург ја почнува мундијалската битка против Јапонија

Ракометарите на Кирил Лазаров ќе играат во групата Х во Магдебург, каде што прв предизвик ќе им биде Јапонија, а потоа следуваат дуелите со Бахреин и Исланд.

Македонската машка ракометна репрезентација ги дозна противниците и распоредот за групната фаза на Светското првенство во Германија 2027 година.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе играат во групата Х, која ќе се одржи во Магдебург. Противници на Македонија ќе бидат Исланд, Бахреин и Јапонија.

Македонија настапот на Мундијалот ќе го отвори на 15 јануари против Јапонија. Два дена подоцна, на 17 јануари, следува дуелот со Бахреин, додека последниот натпревар од првата фаза ќе се игра на 19 јануари против Исланд.

Станува збор за група со незгодни противници, во која Исланд важи за најсилен ривал, додека Бахреин и Јапонија се селекции што традиционално играат брз и дисциплиниран ракомет.

Според системот на натпреварување, трите најдобропласирани репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната рунда. За Македонија тоа значи дека секој бод во првата фаза може да биде важен за продолжување на настапот.

Светското првенство ќе се одржи од 13 до 31 јануари 2027 година во Германија. Натпреварите ќе се играат во Минхен, Штутгарт, Кил, Хановер, Магдебург и Келн, а финалето е закажано за 31 јануари во „Ланксес Арена“ во Келн.

За Македонија ова ќе биде десетти настап на светските првенства и осми во низа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс