Македонија ја презеде истрагата за драматичниот инцидент со „Рајанер“: Делови од мотор оштетиле прозорец на авионот

Македонските воздухопловни власти ја водат истрагата за инцидентот со авион на „Рајанер“ над македонскиот воздушен простор. Боинг 737-800 пријавил дефект на мотор, а еден патник бил повреден.

Македонските воздухопловни власти официјално ја презедоа истрагата за сериозниот воздухопловен инцидент со авион на нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“, кој се случил додека леталото се наоѓало во македонскиот воздушен простор.

Станува збор за авион „Боинг 737-800“ кој сообраќал на релација Солун – Меминген. Кратко по полетувањето, екипажот пријавил дефект на десниот мотор. Според првичните информации, делови од моторот се одвоиле и оштетиле прозорец од патничката кабина, што предизвикало нагла декомпресија и автоматско активирање на кислородните маски.

Патник делумно извлечен од кабината

Во инцидентот најтешко бил повреден 61-годишен српски државјанин, кој седел веднаш до оштетениот прозорец. Според досегашните информации, поради силниот воздушен притисок патникот бил делумно извлечен кон надворешноста на авионот, но другите патници успеале да го повлечат назад во кабината.

По безбедното враќање и слетување на аеродромот во Солун, повредениот бил пренесен во болница за медицински третман.

Во истрагата се вклучени и „Боинг“ и американски експерти

Покрај македонските надлежни институции, во истрагата учествуваат и Националниот одбор за безбедност во транспортот на САД (NTSB), производителот на авионот „Боинг“, компанијата CFM International, производител на моторите.

Истражителите треба да утврдат дали оштетувањето на прозорецот било директна последица од дефектот на моторот или станува збор за дополнителен технички проблем. По инцидентот, авионот безбедно се вратил и слетал на аеродромот во Солун.

Патниците продолжиле кон својата дестинација со друг авион што го обезбедил „Рајанер“, додека оштетеното летало останува приземјено сè до завршувањето на деталните технички проверки и официјалната истрага. Инцидентот повторно го стави во фокус прашањето за безбедноста на авионите и процедурите при сериозни дефекти во текот на лет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс