Македонија чекор поблиску до европскиот роаминг-простор

Македонија и земјите од Западен Балкан влегуваат во нова фаза од процесот за приклучување кон европската иницијатива „Роаминг како дома“, што треба да овозможи користење мобилен интернет, повици и СМС пораки во ЕУ по цени како дома.

Советот на Европската Унија на 4 јуни го одобри почетокот на преговорите со шесте партнери од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија – за проширување на иницијативата „Roam Like at Home“.

Тоа значи дека формално се отвора процесот преку кој земјите од регионот треба постепено да се приклучат кон европскиот роаминг-простор. Ако процесот заврши успешно, граѓаните ќе можат да користат мобилен интернет, повици и СМС пораки во земјите од ЕУ без дополнителни роаминг-трошоци, односно по услови како во домашната мрежа.

За Македонија, ова би значело директна практична придобивка за граѓаните, студентите, работниците, компаниите и сите што патуваат, работат или комуницираат со земјите од Европската Унија. Пониските трошоци за мобилни услуги би ја олесниле комуникацијата со семејствата, пријателите и деловните партнери во Европа.

Процесот бара усогласување на домашното законодавство со европските правила во областа на електронските комуникации. Во Македонија веќе се подготвени измени на Законот за електронски комуникации, по претходно изработени анализи за потребните прилагодувања.

Нацрт-законот беше објавен на ЕНЕР на 20 јануари 2026 година, а текстот на Предлог-законот беше утврден на 24 февруари 2026 година. Овие измени се дел од подготовките за пристапување кон иницијативата „Роаминг како дома“.

Следниот чекор е состанокот на 12 јуни, на кој министрите од земјите од Западен Балкан и претставници на Европската комисија треба да разговараат за преговарачката рамка, степенот на подготвеност на секоја земја и следните чекори во процесот.

Иницијативата е дел од пошироката политика за постепено интегрирање на Западен Балкан во единствениот европски пазар, пред полноправното членство во ЕУ. Европските институции ја претставуваат како конкретна придобивка што граѓаните може директно да ја почувствуваат во секојдневниот живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс